Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари денеска потпишаа Меморандум за соработка во делот на заштита и унапредување на здравјето на децата и малолетните лица, младината, жените и лицата со пречки во развојот на Република Северна Македонија.

– Целта на потпишувањето на Меморандумот е унапредување на здравјето и континуирана здравствена едукација, подигнување на јавната свест за користење на психоактивни супстанции од страна на децата, негување на менталното здравје во предучилишните установи и установите за социјалната заштита, значењето за заштита од сексуално преносливи болести кај младите како и совети за репродуктивно и сексуално здравје, промоција на вакцинацијата за ХПВ вирусната инфекција, безбедно планирање на бременост, адолесцентска бременост. Запознавање на младината со нивните законски права. Како и промоција на рамноправноста на половите, запознавањето со типовите на родово базирано насилство, правата како и соодветна заштита и згрижување на жртвите од сексуално насилство, рече Тренчевска.

Министерката изјави дека со соработката ќе се овозможи координација меѓу институциите и реализација на активности кои ќе овозможат стекнување на вештини и знаења за одговор на предизвиците кои ги наметнува современото општество.

– Превенцијата на болестите и соодветната едукација се од особено значење за сите граѓани. Потребно е да ги мапираме целните групи со коишто ќе работиме и каде што ќе постигнеме најголем успех при работата. Како министерство секогаш се залагаме да ги испорачаме услугите во вистински раце, истакна Тренчевска.

На крајот од средбата двете страни се согласија на плодна соработка меѓу институциите со која ќе се достигне целта на потпишаниот меморандум.