Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска очекува до крајот на декември да започне исплатата на новиот пакет антикризни мерки, откако Законот за финансиска поддршка ќе помине на седница на Влада и во Собранието.

Во изјава за медиумите, Тренчевска денеска рече дека законот утре ќе се најде на владина седница по што следната недела очекува да помине во Собрание.

– До крајот на декември треба да ја започнеме исплатата на новиот пакет антикризни мерки, односно и кај пензионерите и кај примателите на правата кои се опфатени со антикризните мерки, како и учениците. Утре на Влада ќе помине Законот за финансиска поддршка којшто очекувам во Собранието следната недела да помине, затоа што е од исклучително значење за граѓаните. Не очекувам да имаме некакви опструкции од опозицијата. Штом се донесе законот, ќе бидат објавени начините како, кај дел од мерките, граѓаните да аплицираат. Кај мерките што ги реализира МТСП нема аплицирање односно согласно последните исплати на правата и на пензиите ќе бидат исплатени средствата до граѓаните, рече Тренчевска.

Деветтиот пакет антикризни мерки во вредност од 662 милиони евра содржи 26 мерки за социјална сигурност, насочени кон таргетирана поддршка за ранливите категории на граѓани и компании како и поддршка за надминување на потешкотии во услови на зголемени трошоци на живот, но и во услови на продолжени ефекти од енергетската криза.

Со мерките кои беа презентирани на крајот од ноември, се опфаќаат 120 000 млади лица, над 74 000 социјално ранливи категории на граѓани, над 187 000 пензионери, 40 000 земјоделци, речиси 540 000 корисници на апликацијата мој ДДВ, 600 000 домаќинства, како и над 70 000 компании.

Тренчевска е оптимист и во однос на можноста за намалување на платите на функционерите и покрај забелешката од премиерот дека е тоа комплексно да се постигне.

– Комплексно и тешко е, меѓутоа не е невозможно. И не се откажувам од тоа да до крајот на годината да се најде решение за намалување на платите на функционерите, рече Тренчевска во одговорот на новинарско прашање по учеството на тркалезна маса на ОБСЕ посветена на зајакнување на борбата против семејното насилство.