Пратеничката на СДСМ Јована Тренчевска во рамките на собраниската седница посветенa на пратенички прашања упати прашање до министерот економија и труд Бесар Дурмиши, во врска со неисплатените плати на вработените министерство за економија и труд, државниот пазарен инспекторат и државниот трудов инспекторат.
„Министре дали сте свесни дека поради вашата неспособност и неспособноста на Владата на ДПМНЕ, всушност сé излезе на виделина. Илјадници вработени, меѓу кои и вработените во министерство за економија и труд, државниот пазарен инспекторат, државниот трудов инспекторат ги оставивте без плата.
Ова не е административен пропуст, министре, ова е неспособност, ваша неспособност и неспособност на владата, но ова е и кршење на законските права на работниците, понижување на нивното достоинство, за што треба да има одговорност.
Додека вие како функционери во владата уживате во луксузи со папаја и манго, работниците се оставени без плата и без основна егзистенција и тоа е тотална незаинтересираност на власта за граѓаните, за вработените, за македонскиот народ“.
Да оставите луѓе без здравствено осигурување и без плата по повеќе од два месеци, оценува Тренчевска, навистина е нешто за коешто треба да има одговорност.
„И затоа, министре, сакам да ги одговорите кога ќе биде исплатата на платата на овие три институции и дали конечно ќе се реши хаосот, којшто го предизвикавте со измените на ЗОРОДУ и со спојувањето на инспекторатите во министерството за економија и труд и дали вакви случаи ќе има понатаму и дали ќе има одговрност за доцнењето и непочитувањето на законските обврски за исплата на плата во 15-ти во месецот“.
Ја повика и трудовата инспекција да направи надзор во министертвото за економија и труд.
„Како што поднесуваат кривични пријави за други работодавачи за неисплатени плати да поднесат кривична пријава и за министерот за економија и труд, затоа што неисплатата сега на платата не ви е прв пат, имаше, како што спомнав, неисплатување на плата и во јануари, исплата на плата за декември тек во февруари, па така согласно член 166 од Кривичниот закон, како што трудовата испекција поднесува кривични пријави за други работодавачи коишто не го почитуваат ова основно право на работникот за исплата на плата да поднесе кривична пријава и до министерот за економија и труд“, кажа Тренчевска.