Александар Трајановски не ја извршува функцијата заменик градоначалник на град Скопје повеќе од три месеци, тврди Град Скопје. Оттука, како што велат од Градот, нејасно е од која функција си дава оставка.
Трајановски бил разрешен од функцијата поради нарушување на угледот на град Скопје, неизвршување на своите задачи и неисполнување на својата функција како заменик градоначалник.
„Ова лице нема вкупно 3 активни минути на својата функција. Единственото барање на ова лице за кое е свесна градската администрација е неговата желба да добие канцеларија, службено возило и службен телефон. Друга комуникација, уште помалку во смисла на активен придонес кон работата на градот ова лице немало во последните две години“, велат од Градот.
По однос на обвинувањата на Трајановски за некакво „влијание од ДУИ“, Град Скопје вели дека се работи за лажни вести и несериозни обвинувања.
„Кадрови решенија градот Скопје немаше две години, ниту постоеше можност за вработувања поради неизгласани планови за вработување, а доколку истото некогаш би се реализирало би било врз основа на распишан оглас за вработување, со единствен критериум е исполнување на квалификациите и избор на најдобрите кандидати според закон. Доколку на Трајановски ништо не му сметало во градот Скопје повеќе од 3 години па се до неговото разрешување во декември 2024 година, прашање е зошто би му сметало сега“, додаваат од Град Скопје.
Претходно се огласија и од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека Трајановски од ГРОМ задоцнил цели 3 години во проценката на личноста и неделата на градоначалничката Данела Арсовска.
Текстот Трајановски не може да даде оставка оти е разрешен пред три месеци, велат од Град Скопје е превземен од МАКФАКС.