Утре Комисијата за заразни болести ќе одлучува дали транспортерите кои не се вакцинирани ќе мора од први септември да прават ПЦР тест за влез во Македонија. Од здружението Макамтранс реагираа на оваа најавена мерка на владата и за Алсат велат дека информацијата ја добиле лично од министерот за транспорт Благој Бочварски, кој посочил дека по препораките на здравствените експерти, ќе се донесе конечната одлука. Претседателката на здружението Билјана Муратовска вели дека стојат на барањето професионалните возачи на моторни товарни возила да бидат изземени од мерката, за да не се предизвика застој на стоката, а со тоа и удар врз економијата.
Врз основа на анализа која е направена на места каде транспортерите влегувале претходно со ПЦР тест, во Германија, во Баварија или во Грција покажува дека 0,1 отсто имало појава на позитивни тестови кај возачите. Факт е дека се тие самоизолирани, дури и да имаа некој со асимтоматични случаи, да се носители на вирусот, тие не може никого да заразат затоа што според протоколот при своето движење постојано се во камионите – изјави Билјана Муратовска претседателка на Макам-транс.
Доколку владата утре донесе негативна одлука за нив, транспортерите ќе мора да бидат негативни на тестовите, вакцинирани или прележани тогаш нивниот бизнис дополнително ќе биде на удар, а стоката за испорака со сигурност ќе доцни, тврдат од Макамтранс. На удар ќе бидат репроматеријалите, лековите, нафтата и производите за широка потрошувачка. Дополнително, возачите велат дека во текот на пандемијата се соочуваат со намалена понуда на стока, но и со зголемена конкуренција од државите од Европската Унија. Според владината мерка, од први септември за влез во земјава на граница ќе мора да се покаже сертификат дека се примени две дози на вакцина, за прележан ковид не постар од 45 дена или негативен ПЦР тест не постар од 72 часа.
Иле Петревски