Според многумина најдобриот светски ракометар Сандер Сагосен би можел да ја напушти Германија и да се врати да игра ракомет дома.
На големо се најавува дека во Норвешка се создава ракометен „дрим-тим“. Екипата на Колштад се подготвува за големи вложувања и е спремна да носи големи ракометни имиња. Едно од нив е 26-годишниот Сагосен, кој во моментов е член на бундеслигашот Кил.
Барем така јавуваат медиумите од Германија и од Норвешка, каде се повеќе се пишува за можен трансфер на Сагосен во Норвешка. Главен фокус на овој проект ќе бидат настапите во Европа, со оглед на тоа што норвешкото првенство не е силно и конкурентно.
Сагосен според најавите се враќа во Норвешка по крајот на договорот со Кил, тоа е 2023 година. Засега, нема потврда за овој трансфер. Норвежанецот во редовите на Кил пристигна во 2020 година од ПСЖ, а претходно играше за Алборг, Хаслум и сега актуелниот Колштад кој е негов матичен клуб.