Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека во Газа владее вистинскa глад и дека САД ќе воспостават центри за храна во регионот.
„Ќе воспоставиме центри со храна, без огради, за да се олесни пристапот“, изјави Трамп пред новинарите по средбата со британскиот премиер Кир Стармер во Тернбери, каде што Трамп поседува имот со голф игралиште.
Тој додаде дека САД ќе соработуваат со други земји за да испратат повеќе хуманитарна помош за народот во Газа. Според Трамп, САД досега потрошиле 60 милиони долари за хуманитарна помош за Газа.
Стармер ја нарече хуманитарната ситуација во Газа „апсолутно неподнослива“ и порача дека помошта мора итно да се достави.
„Мора да ги поттикнеме другите земји да помогнат во испораката на помошта и да, тоа вклучува и вршење притисок врз Израел, бидејќи станува збор за хуманитарна катастрофа“, рече британскиот премиер.
Трамп исто така изјави дека во последно време е многу тешко да се преговара со палестинскиот Хамас, но дека со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху разговара за „разни планови“ за ослободување на израелските заложници, кои се во заробеништво повеќе од 20 месеци.
Тој нагласи дека ослободувањето на заложниците што Хамас ги држи во Газа е од клучна важност, посочувајќи дека милитантната група го променила ставот и одбива да ги ослободи. Хамас сè уште држи 54 заложници, од кои, според проценките, повеќето се веќе мртви. Меѓу нив има и двајца американски државјани.
Текстот Трамп: Ќе воспоставиме центри за храна во Газа е превземен од МАКФАКС.