Претседателот на САД, Доналд Трамп рече дека последниве денови го следел пазарот на обврзници и укажа дека тоа било еден од факторите кои довеле до неговата одлука да воведе 90-дневна пауза за дел од царините.
„Го следев пазарот на обврзници. Тој е многу незгоден. Го следев. Но ако погледнете сега, е одличен. Пазарот на обврзници во моментов е одличен. Но, да, синоќа видов дека луѓето станаа малку нервозни,“ рече тој.
Трамп рече и дека го гледал генералниот директор на JP Morgan Chase, Џејми Дајмон, на „Фокс Бизнис“ утринава.
„Генералниот директор даде изјава во насока на тоа дека нешто мораше да се направи во врска со царините и трговијата… Тој го разбираше тоа,“ рече Трамп.
„Тоа што се случуваше не беше одржливо. Некоj мораше да направи потег. Јас бев подготвен“, рече Трамп во изјавата што ја пренесе „Си-ен-ен“.
Во тој настап, Дајмон предупреди дека рецесија е веројатен исход од ескалирачката трговска војна што произлегува од царинската политика на Трамп.
„Никој не посакува (рецесија), но ако ја има, се надеваме дека ќе биде кратка,“ рече тој. „Мислам дека решавањето на овие царински и трговски прашања би било добра работа.“
Трамп за „Си-ен-ен“ изјави и дека одлучил да ја воведе паузата на новите реципрочни царини затоа што мислел дека луѓето почнале малку да стануваат нервозни.
„Тоа што ни се случуваше на трговски план, не само со, знаете, Кина – а Кина беше убедливо најголемиот злоупотребувач во историјата – и други исто така… но некој мораше да преземе нешто. Мораше да се запре“ рече Трамп во Белата куќа.
Тој ја пофали поддршката од другите земји погодени од царините.
„Сите сакаат да постигнат договор – некој мораше да го направи она што го направивме ние, и јас воведов 90-дневна пауза за оние што не возвратија, затоа што им рековме: ‘Ако возвратите, ќе дуплираме’,“ рече тој.
„И тоа го направивме со Кина, затоа што тие возвратија, па ќе видиме како ќе се одвива сè. Мислам дека ќе испадне одлично.“
На прашањето за изненадната промена на ставот, Трамп одговори за „Си-ен-ен“: „Мора да бидете флексибилни,“ признавајќи дека неговиот тим ги следел реакциите на пазарот.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент претходно се обиде да ја претстави одлуката на Трамп како дел од долгорочна стратегија за охрабрување на земјите да преговараат, а не како случајна постапка што го потресе светскиот пазар.