Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва во Белата куќа ќе свика клучен состанок на неговиот тим за национална безбедност, на деветтиот ден од војната меѓу Израел и Иран, пренесува Аксиос.

Средбата ќе се одржи во салата за кризни ситуации, а се очекува на дневен ред да се најде и прашањето за потенцијалниот американски одговор на продлабочената регионална ескалација.

Според информациите од повеќе извори, средбата може да означи пресвртница во актуелната американска стратегија на воздржаност. Пред неколку дена Трамп изјави дека ќе донесе одлука за евентуален воен одговор на САД во рок од две недели, но фактот што вечерва го собира својот безбедносен врв укажува дека одлуката може да дојде и порано.

Според очекувањата, на состанокот треба да присуствуваат секретарот за одбрана Пит Хегсет, потпретседателот Џеј Ди Венс, шефот на дипломатијата Марко Рубио, директорот на ЦИА Џон Ратклиф, директорот на Националното разузнавање (ДНИ) Тулси Габард, началникот на Здружениот штаб генерал Кејн и специјалниот пратеник за Иран Џејсон Виткоф. Станува збор за луѓе кои го сочинуваат внатрешниот безбедносен круг на претседателот и кои се вклучени во секојдневните консултации од почетокот на конфликтот.