Американскиот претседател Доналд Трамп, денеска одржа проштален говор преку кој ги повика Американците да се помолат за успех на новата администрација на новоизбраниот претседател Џо Бајден.
Трамп преку видео се обрати до нацијата и во говорот тој ги цитираше неговите успеси од четиригодишниот претседателски мандат.
„Оваа недела инаугурираме нова администрација и да се помолиме за нејзин успех во одржување на безбедна и просперитетна Америка“ – рече Трамп во дел од видео-пораката објавена од Белата куќа.
Трамп во неколку пати се обиде да ја поништи победата на Бајден од изборите на 3 ноември, тврдејќи дека победата му е украдена. Ваквите тврдења десетина пати беа одбиени од неколку американски судови, а случаите покренати од правниот тим на претседателот паднаа пред Врховниот суд.
Тој неодамна изјави дека нема да присуствува на инагурацијата на Бајден закажана за 20 јануари, со што создаде прекин во традицијата на САД за мирен трансфер на власта.
На 20 јануари, Џо Бајден ќе ја преземе функцијата од Доналд Трамп и ќе стане 46. претседател на САД. На должност тогаш ќе стапи и првата жена потпретседателка, Камала Харис.
Во пресрет на инаугурацијата почнаа да се објавуваат и детали за церемонијата. Поради пандемијата со ковид-19, инаугурацијата во најголем дел ќе биде виртуелна, како што беше и голем дел од изборната кампања на Бајден и Харис.
Се очекува, свечената заклетва традиционално, Бајден да ја даде на скалите пред зградата на Конгресот, пред тревникот на Националниот парк, настан кој секогаш привлекувал стотици илјади луѓе. Меѓутоа, тоа нема да биде случај и сега. Организаторите уште од претходно предупредија дека ќе има ограничен број на присутни на церемонијата, а и останатите пропратни настани нема да бидат како досега.