Израелскиот претседател, Исак Херцог, доби писмо од американскиот претседател, Доналд Трамп, во кое го повикува да размисли за помилување на премиерот Бенјамин Нетанјаху, објави денес неговиот кабинет.

Нетанјаху се соочува со три одделни судења за корупција веќе неколку години, а Трамп постојано бара негово помилување.

„Иако апсолутно ја почитувам независноста на израелскиот судски систем и неговите барања, верувам дека овој ‘случај’ против Биби, кој долго време се бореше заедно со мене, вклучително и против многу моќниот непријател на Израел, Иран, е политички мотивиран, неоправдан прогон“, напиша Трамп во писмо до израелскиот претседател.

Канцеларијата на Херцог соопшти дека секој што бара претседателско помилување мора формално да го побара тоа, во согласност со постојните процедури, објави „Ројтерс“.

Трамп, исто така, побара помилување за Нетанјаху за време на неговата посета на Израел во октомври, во говор пред израелскиот парламент.

Лидерот на израелската опозиција, Јаир Лапид, одговори на повикот на Трамп со потсетување дека израелскиот закон предвидува дека првиот услов за помилување е признание на вина и изразување на каење.

Порано оваа година, Лапид, „со должно почитување кон Трамп“, нагласи дека „никој не треба да се меша во правниот процес на независна држава“, и ја нарече иницијативата на американскиот претседател „компензација“ за Нетанјаху за притисокот врз него да ја запре војната во Газа.

„Тоа е типично за Трамп“, рече Лапид во тоа време.

Фото: ЕПА

Текстот Трамп со писмо до израелскиот претседател бара помилување на Нетанјаху е превземен од МАКФАКС.