Американските сенатори постигнаа привремен договор за прекин на буџетската парализа што блокира некои јавни услуги рекордни 40 дена, објавија неколку медиуми. Но, ситуацијата ескалираше денес со заканата на американскиот претседател Доналд Трамп до контролорите на летање кои не доаѓаат на работа затоа што не примаат плата.
Поради блокадата, илјадници летови беа откажани минатата недела. Само денес, американските авиокомпании откажаа над 1.500 летови.
Трамп, преку својата социјална мрежа Truth Social, им порача на сите контролори на летање дека мора веднаш да се вратат на работа. Тој им се закани на оние кои нема да го сторат тоа со казни, а во исто време вети дека ќе ги награди оние кои продолжиле да работат за време на блокадата, со бонус од 10.000 долари.
„Сите контролори на летање мора веднаш да се вратат на работа!!! Секој што нема да го стори тоа ќе биде значително „казнет“. За оние контролори на летање кои беа ГОЛЕМИ ПАТРИОТИ и не зедоа СЛОБОДНИ ДЕНОВИ за време на „измамата за затворање на демократите“, ќе препорачам БОНУС од 10.000 долари по лице за извонредна служба на нашата земја.
За оние кои само се пожалија и зедоа слободни денови иако сите знаеја дека ќе бидат платени ВО ЦЕЛОСТ кратко потоа, НЕ СУМ ЗАДОВОЛЕН СО ВАС. Не им помогнавте на САД против ЛАЖНИОТ ДЕМОКРАТСКИ НАПАД кој имаше само за цел да ја оштети нашата земја. Ќе имате негативна оценка, барем според мене, за вашата претходна работа. Ако сакате да ја напуштите службата во блиска иднина, слободно сторете го тоа, БЕЗ никакви плаќања или отпремнина! Брзо ќе бидете заменети со вистински патриоти кои ќе работат подобро на СОСЕМ НОВАТА СОВРЕМЕНСКА ОПРЕМА, најдобрата во светот, која моментално ја нарачуваме. Претходната „администрација“ потрошија милијарди долари обидувајќи се да поправат застарени „багови“. Немаа поим што прават!
Повторно, до нашите големи американски патриоти, БОГ ДА ВЕ БЛАГОСЛОВИ. До сите други, ВРАТЕТЕ СЕ НА РАБОТА СЕГА. БОГ ДА ЈА БЛАГОСЛОВИ АМЕРИКА! ПРЕТСЕДАТЕЛ ДОНАЛД Џ. ТРАМП.“, објави тој.
Затворањето на владата, кое трае рекордни 40 дена, доведе до недостиг на контролори на летање, кои, како и другите вработени во федералната влада, не се платени со недели.
Текстот Трамп со остра порака до контролорите на летање: Веднаш вратете се на работа, ќе има казни е превземен од МАКФАКС.























