Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека неговата земја ќе игра улога во обезбедувањето на гаранции за безбедност како дел од мировен договор за ставање крај на војната што ја започна Русија, јавува БГНЕС.

На заедничка прес-конференција во Белата куќа со украинскиот колега Володимир Зеленски, Трамп нагласи дека европските држави се „првата линија на одбрана, затоа што тие се таму, тие се Европа“, но додаде: „и ние ќе им помогнеме. Ќе бидеме ангажирани.“

Американскиот претседател повтори дека целта е постигнување на траен мир и истакна дека прекин на огнот не е неопходен за крај на конфликтот меѓу Русија и Украина. „Не мислам дека е потребно примирје. Знам дека може да изгледа добро, но стратешки е разбирливо зошто едната или другата страна не би го посакала тоа“, изјави Трамп, седнат до Зеленски.

Од своја страна, Зеленски се заблагодари за новата програма на НАТО која овозможува земјите членки да купуваат оружје од САД што потоа ќе биде испратено во Украина. „Благодарни сме за оваа програма и оваа можност. Благодарни сме на Европа – тие плаќаат за тоа“, рече тој.

Трамп, пак, ја пофали иницијативата, истакнувајќи дека САД не даваат ништо директно, туку продаваат воена опрема на сојузниците на Киев.

Зеленски нагласи дека американското оружје е од клучно значење за одбраната на Украина. „Никој во Европа нема толку многу системи за противвоздушна одбрана како „Патриот“. Имаме голема потреба од нив“, подвлече украинскиот претседател.