Администрацијата на Трамп денес поднесе нова тужба против Универзитетот Харвард, обвинувајќи го дека не се придржувал до федералната истрага и барајќи документи поврзани со неговите практики за прием на студенти.

Во тужбата поднесена во федералниот суд во Бостон, адвокатите на Министерството за правда на САД изјавија дека бараните документи ќе помогнат да се процени дали Харвард се придржува до пресудата на Врховниот суд на САД од 2023 година, со која програмите за прием на колеџи базирани на раса се прогласени за неуставни.

Министерството за правда соопшти дека ја поднело тужбата „единствено за да го принуди Харвард да достави документи поврзани со какво било разгледување на расата при приемот“ и „не го обвинува Харвард за какво било дискриминаторско однесување, ниту бара парична отштета или укинување на федералното финансирање“.

Трамп, претходно овој месец изјави дека неговата администрација бара 1 милијарда долари од Харвард за решавање на истрагите за политиките на универзитетот, откако новинските извештаи објавија дека Трамп се откажал од барањето за исплата од престижниот универзитет.

Харвард е во фокусот на широката кампања на администрацијата за користење на федерално финансирање за да се поттикнат промени на американските универзитети, за кои Трамп вели дека се погодени од антисемитски и „радикално левичарски“ идеологии.

Администрацијата откажа стотици грантови доделени на истражувачи од Харвард врз основа на тоа што универзитетот не направил доволно за да го спречи вознемирувањето на еврејските студенти на својот кампус, што го натера Харвард да поднесе тужба.

 

фото/Depositphotos

Текстот Трамп повторно го тужи Харвард е превземен од МАКФАКС.