Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека републиканците во Конгресот подготвуваат закон со кој ќе се воведат санкции за сите земји што соработуваат со Русија. Трамп додаде дека новите мерки би можеле да се однесуваат и на Иран, клучен воен сојузник на Москва, пишува „Киев Индепендент“.
„Секоја земја што соработува со Русија ќе биде санкционирана многу строго“, изјави Трамп за новинарите во Палм Бич, Флорида.
Претстојното законодавство се темели на низа мерки преземени од администрацијата на Трамп во последните месеци. Во октомври беа објавени првите санкции против Москва, насочени кон двете најголеми руски нафтени компании – „Роснефт“ и „Лукоил“ – заедно со нивните подружници.
Сепак, Министерството за финансии на САД неодамна ги одложи санкциите за „Лукоил“, кои првично требаше да стапат на сила на 21 ноември, за да ѝ се даде време на компанијата да ги продаде своите странски средства.
Порано оваа година, Вашингтон, исто така, воведе тарифи од 50% за стоки од Индија, еден од најголемите увозници на руска нафта. Причината беше упорноста на Њу Делхи во купувањето и покрај предупредувањата дека би можеле да следат секундарни санкции доколку Москва не покаже напредок во мировните напори во Украина.
Иако Трамп не понуди дополнителни детали за законот што се подготвува, тој рече дека Иран веројатно ќе биде меѓу целите. Од почетокот на руската инвазија на Украина, Иран се појави како клучен сојузник на Кремљ, снабдувајќи ги воените напори на Москва со оружје и воена опрема.
Фото: принтскрин
Текстот Трамп: Подготвуваме санкции за сите земји што соработуваат со Русија е превземен од МАКФАКС.























