Американскиот претседател Доналд Трамп денес во Шкотска изјави дека ја разгледува можноста за скратување на рокот од 50 дена што му го даде на рускиот претседател Владимир Путин за завршување на војната во Украина пред да воведе царини до 100 проценти за Русија и нејзините трговски партнери, објавува „Политико“.
„Разочаран сум од претседателот Путин, многу сум разочаран од него, па затоа ќе мора да ја разгледаме ситуацијата и ќе ги намалам 50-те дена што му ги дадов на помалку бидејќи мислам дека веќе го знам одговорот“, изјави Трамп пред новинарите во Тернбери, Шкотска.
Порано во јули Трамп му постави ултиматум на Путин предупредувајќи дека потенцијалните економски санкции против Москва и нејзините трговски партнери би биле катастрофални ако конфликтот не заврши до почетокот на септември.
„Мислевме дека сме го решиле тоа неколкупати, а потоа претседателот Путин излезе и почна да лансира ракети кон некој град како Киев и уби многу луѓе во дом за стари лица или нешто слично“, додаде Трамп во денешната изјава.
Фото: принтскрин
Текстот Трамп: „Многу сум разочаран од Путин, ќе го скратам рокот од 50 дена“ е превземен од МАКФАКС.