Ќе дадеме многу добра заштита и безбедност на Украина. Ова го изјави американскиот претседател Доналд Трамп пред новинарите во Белата куќа, каде што одржува прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски, јавува БГНЕС.
Трамп истакна дека независно од исходот на денешните средби со украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери, американската поддршка за Украина ќе продолжи.
На прашањето: „Дали ова е крајот на американската поддршка за Украина? Денешната средба — договор или не?“ Трамп одговори:
„Никогаш не би рекол дека е крајот. Тоа никогаш не е крајот на патот. Луѓе умираат и ние сакаме тоа да запре. Затоа не би го определил денешниот ден како крај.“
Зеленски прецизираше дека Украина е подготвена да побара „дипломатски начин“ за прекин на војната на Русија против неговата земја, повторно потенцирајќи дека Киев инсистира на трилатерална средба со Москва и Вашингтон.
На прашањето дали Украина е подготвена да „ги пренацрта картите“ во мировен договор или ќе „продолжи да испраќа војници во смрт уште неколку години“, Зеленски не одговори директно, но ги пофали напорите на администрацијата на Трамп да стави крај на војната. Зеленски истакна дека неговата земја живее под постојани руски напади, потсетувајќи на смртоносниот ноќен удар врз Харков.
„Мора да ја запреме оваа војна, да ја запреме Русија. И ни треба поддршка од нашите американски и европски партнери,“ рече тој.
„Ние ја поддржавме идејата на Соединетите Држави – лично на претседателот Трамп – да ставиме крај на оваа војна, да најдеме дипломатски пат за тоа,“ додаде Зеленски.
Тој увери дека е подготвен за трилатерален самит помеѓу него, Трамп и рускиот претседател Владимир Путин. Трамп, исто така, изрази желба таква средба да се одржи наскоро по разговорите во понеделник, додека Путин засега избегнува категоричен одговор.