Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека одлучил да воведе царини од 25 отсто за увозот од Европската унија, пишува Фајненшл тајмс. Тој остро го критикуваше блокот, велејќи дека ЕУ е „формирана за да ги измами САД“. „Донесовме одлука и наскоро ќе ја објавиме. Ќе биде 25 проценти“, рече американскиот претседател за време на состанокот на владата.

„Европската унија е создадена за да ги измами САД, тоа е нејзината главна цел и морам да признаам дека тие беа многу успешни во тоа“, рече Трамп за време на неговиот прв состанок на кабинетот во Белата куќа. Трамп зборуваше за неговите планови да воведе царини од 25 отсто за увоз на автомобили и други стоки од Европската унија. Тој посочи дека му пречи трговскиот суфицит на ЕУ со САД, тврдејќи дека тоа е неправедно искористување на американскиот пазар.

„Царините ќе бидат 25%, општо земено, и ќе бидат на автомобили и сите други производи“, рече Трамп.

„Европската унија навистина не искористува“, додаде Трамп. „Тие не ги прифаќаат нашите автомобили, во основа не ги сакаат нашите земјоделски производи. Тие секогаш наоѓаат некоја причина зошто да не, додека ние ги прифаќаме сите нивни производи без проблем“, додаде тој.

И покрај острите критики, Трамп нагласи дека ги сака европските земји.

„На некој начин доаѓам од таму, многу одамна, иако можеби индиректно, всушност, сосема директно, затоа што ги сакам земјите од Европа“, изјави тој. Мајката на Трамп е родена во Шкотска, додека неговиот дедо емигрирал во САД од Германија.

Тој додаде дека ги сака „сите земји“, но потоа веднаш двапати повтори дека Европската унија е основана за да ги „излаже“ САД. На прашањето што ќе се случи доколку ЕУ возврати со сопствени царини, Трамп одговори: „Не можат да го направат тоа. Можат да се обидат, но нема да успеат“.

„Можат да се обидам, но бројките се на наша страна. Ние сме она што сите го сакаат, ние сме „златната кокошка“.

Трамп беше прашан од новинарите дали сè уште планира да воведе царини за Мексико и Канада. „Не, нема да се откажам од царините“, одговори Трамп.

Кога еден новинар му посочи дека миграцијата од Мексико е намалена за цели 90% во споредба со декември 2023 година, Трамп рече: „Да, тоа е точно, но тоа е и заслуга за нашите политики“.

Тој посочи дека „штетата е веќе направена“ поради неправедните трговски договори од минатото и нелегалниот шверц на дрога што однесе многу животи во САД. „На 2 април тарифите стапуваат на сила“, објави Трамп. „Нема сите да бидат претставени одеднаш, но повеќето ќе бидат претставени. Мислам дека ќе бидете сведоци на нешто навистина неверојатно“.