Претседателот на САД, Доналд Трамп, рече дека не знае ништо за најновите фотографии поврзани со Џефри Епштајн, одговарајќи на новинарско прашање додека потпишуваше закон во Овалната соба.

„Не ги видов, но сите го знаеја тој човек, тој беше насекаде во Палм Бич“, рече Трамп. „Тој има фотографии со сите. Има стотици и стотици луѓе кои имаат фотографии со него. Не е ништо посебно, не знам ништо за тоа.“

Трамп се појавува на три фотографии објавени претходно од демократите во Комитетот за надзор на Претставничкиот дом.

Американскиот претседател претходно призна дека тој и Епштајн биле во пријателски односи, но тврди дека се разделиле на почетокот на 2000-тите, години пред Епштајн да биде првпат уапсен.

Покрај Трамп, на фотографиите се и поранешниот претседател Бил Клинтон, коосновачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, принцот Ендру и други влијателни луѓе.

На една црно-бела фотографија, Трамп се смее со неколку жени покрај себе. Лицата на жените се зацрнети. Друга слика го покажува Трамп како стои до Епштајн, а трета, помалку јасна слика го покажува како седи до друга жена, чие лице исто така не е видливо. Не е јасно кога или каде се направени фотографиите.

Портпаролката на Белата куќа, Абигејл Џексон, изјави дека администрацијата на Трамп „направила повеќе за жртвите на Епштајн отколку што некогаш направиле демократите“.

 

Текстот Трамп, Бил Клинтон, Бил Гејтс се појавија на новите фотографии со Епштајн, претседателот се оградува: „Не знам ништо за тоа“ е превземен од МАКФАКС.