Поранешниот американски претседател и претседателски кандидат на Републиканската партија на претстојните избори во Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп изјави дека актуелниот американски потпретседател и неговата ривалка од Демократската партија, Камала Харис, ќе ги воведат САД во нова светска војна доколку таа победува на изборите на 5 ноември, пренесува агенцијата „Анадолија“.
Во рамки на предизборната кампања, Трамп синоќа зборуваше на митинг во државата Пенсилванија. Трамп ја оцени неговата ривалка Харис како недоволно способна да се справи со лидерите како рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг на политичката сцена.
Посочувајќи дека светот никогаш не бил толку блиску до глобална војна, Трамп вети дека оваа војна нема да се случи доколку тој повторно стане претседател на САД.
„Да се стави Камала Харис за претседател значи да се коцка со животите на милиони луѓе. Харис дефинитивно ќе не одведе во Трета светска војна бидејќи е премногу неспособна за да си ја врши работата правилно“, рече Трамп.