Иако се претпоставува дека политиката треба да го подобри животот и да ја гради иднината, трагично е кога една земја ќе дојде до точка каде што за многу граѓани зборот „политика“ се поврзува со зборот „корупција“. Ова е индикатор дека веќе не се соочуваме само со институционален проблем, туку со длабока рана во општествената култура, менталитет кој е вкоренет години наназад преку злоупотреби и разочарувања, изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши, во Клубот на пратеници на одбележување на Меѓународниот ден за борба против корупцијата – 9 декември.
Соочени со ваквата реалност, додаде тој, не е доволно само да реагираме, туку пред се, неопходно е сите заедно да размислиме, отворено да го признаеме предизвикот и храбро да дејствуваме.
„И, на оваа раскрсница помеѓу предизвикот и реформата, морам да нагласам дека новата Национална стратегија за спречување на корупцијата 2026–2030 претставува неопходна пресвртница. Таа одразува нова визија за тоа како треба да функционира државата – визија изградена врз сериозна анализа на ризик, врз европските практики, како и врз обемни консултации со институции, експерти, меѓународни партнери и граѓанското општество. Додека Стратегијата се наоѓа во својата најинтензивна фаза на подготовка, сакам посебно да ја истакнам работата на Државната комисија за спречување на корупцијата и да ја реафирмирам целосната поддршка на Собранието за овој процес. Убеден сум дека ниту една стратегија, колку и да е добра, не може да даде резултати без одговорно, активно и независно Собрание во вршењето на своите функции“, рече Гаши.
Тој, исто така, кажа дека корупцијата не е само законски прекршок, туку длабока општествена рана што го допира животот на секој граѓанин, ги разнишува темелите на демократијата и го забавува економскиот потенцијал.
„Таа е невидливата рака што им ги краде правата и надежите на луѓето. За жал, овој порок е и главната причина зошто нашите најсветли умови ја гледаат својата иднина надвор од земјата. И ова повеќе не е само начин на гледање на реалноста, туку факт потврден во секој меѓународен извештај и во секоја домашна анкета“, рече Гаши.
Текстот Трагично е кога во една земја зборот „политика“ се поврзува со зборот „корупција“, рече Гаши е превземен од МАКФАКС.























