Лоалва Браз Виеира беше бразилска пејачка на групата „Kaoma“, најпозната по планетарниот хит „Ламбада“ на која танцуваше целиот свет кон крајот на осумдесеттите и раните деведесетти години на минатиот век.
Браз е родена во близина на Рио де Женеиро во 1953 година во семејство на музичари – нејзиниот татко бил диригент, а нејзината мајка пијанистка. Таа започнала сериозно да се занимава со музика на 13-годишна возраст, а уште како многу мала почнала да добива бројни национални признанија.
За нејзиниот талент таа добила признание од бројни бразилски поп-уметници како Тима Меи, Емилија Сантијаго, Гала, Каетано Велоса и други со кои воедно соработувала помеѓу 1975 и 1985 година.
Во средината на 1980-тите, таа се преселила во Париз, а настапила во многу земји низ светот. Во 1989 година како вокал на групата „Kaoma“ ја отпеа песната „Ламбада“, која стана голем хит.
Песната „Ламбада“ е компонирана од водачот на боливиската група „Los Karkis“ и без негова согласност, групата „Kaoma“ започнала да ја користи песната. Тогаш дошло до сериозен конфликт околу авторските права, а подоцна, со голема сума на пари што не ѝ е позната на јавноста, наводно постигнале договор.
Браз компонираше и отпеа 2 песни за филмот „Le Roi Desperados“, а песните како „Tago Mago“, „Dançando Lambada“, „”Mélodie D’Amour“ ја одбележаа нејзината кариера.
Со адаптацијата на песната на Стиви Вондер „Another Star“ преведена на португалски јазик, многу американски ѕвезди беа заинтересирани за нејзините аранжмани и композиции.
Таа беше член на Француската академија и беше наградена со престижниот сребрен медал „Prix Thorlet“.
Нејзиниот живот заврши трагично на 19 јануари 2017 година, кога нејзиното тело беше пронајдено во изгорен автомобил во градот Санкварема.
Според полицијата, двајца мажи упаднале во хотелот во кој живеела и ја ставиле во автомобил, кој потоа бил запален. Според полициската истрага, таа била убиена од еден нејзин вработен.