Потопот во туристичкото населено место Елените во Бугарија, каде што беше извршена евакуација и каде што се одвива спасувачка операција, однесе една жртва. Во Свети Влас нема загрозени луѓе. Ова го соопшти заменик-министерот за внатрешни работи Тони Тодоров, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
Владата свика вонредна седница.

Повеќе од 10 екипи на противпожарната служба се на лице место во Елените. Повикани се екипи од Несебар и Поморие, како и нуркачи, специјализирана амфибија ( моторно возило кое може да се движи и по земја и во вода), вклучително и од Варна. Голем бран потопи хотели и згради. Автомобили се носеле по водата. Поплавниот бран во Елените потопи паркинг на комплекс од неколку згради.

Спасувачки екипи со високопроодна техника успеале да стигнат до хотелите и досега се евакуирани 6 жени, од кои три од Полска, а е пронајдено тело на еден маж во подземен кат на зграда. Продолжува пребарувањето на зградите од страна на спасувачките екипи. Неколку минути по 13 часот дождот престана.