Атанас Величков

Ужас! Тоа е првиот збор, кој ми доаѓа на памет кога ќе се вратам кон она кобно утро на 16 март 2025 г., кога убавиот град Кочани беше зацрнет засекогаш. Тоа е денот, кога иднината на ова мало градче беше загушена и пеплосана. Буквално! Денеска во последниот ден на траурот со мака седнувам да напишам нешто од прво лице, како човек, потиштен од сопствената немоќ и неможност да помогне барем со трошка, болката од трагедијата да биде облажена.

Зарем е можно такво нешто? Со кои кажани или напишани зборови, може да се намали тагата на повеќе од 200 фамилии, кои станаа жертва во оваа невидена по своите размери трагедија во историјата на РС Македонија, од 1945 до денес. Трагичните бројки по оваа катастрофа се јасни. Како во некаков страшен поради својата вистинитост хорор филм пред моите очи се редат почетокот на пожарот, лицата на зацрнетите родители, блиски и роднини на жртвите, тагата во очите на едни три момчиња, дојдени да ја изразат својата позиција на мирниот собир во Скопје неколку часа после пожарот. Во нивните очи ја видов истата онаа проклета немоќ да помогнат. Тие не беа апатични, тие беа скршени, исто како и многумина други собрани тогаш на плоштадот во главниот град на нашата држава.

Пред мене ги гледам светлините од блицовите на мобилните телефони. Се прашувам и денеска чиj пат тие го осветлуваат, дали патот на оние невините што ги загубија своите животи или нашиот сопствен пат кон конечниот крај на молчењето, за да немаме речиси секоја година поводи за едноминутен молк, поради нефункционалността на системот изграден накриво. Систем што ние навикнавме да го „прелажуваме“ станувајќи дел од него со она култното „имам човек таму, ќе среди работа“. Ние имаме „човеци“ насекаде, ама само некои имаат и „чадори“, кои им дозволуваат да лавираат со правилата и прописите и да калапат пари. Тоа се тие „разбојници“ кои за проклети пари, ќе направат ремонт со карактеристика на шминка, кои ќе пуштат автобус на пат, без истиот тој автoбус да поминал вистински технички преглед, истите тие кои дозволија кабел да биде виновен за други 14 жртви, кои изгореа живи во место во кое, требало да бидат спасени нивните животи. И така ред се редат трагедиите. Човеци насекаде, а луѓе… Луѓето скршени плачат по дома на улица во продавница на бензинска пумпа. Солзите го обележуваат патот до местото, каде сите ја споделуваат истата болка и си ги поставуваат истите прашања.

Ќе има ли правда за жртвите? Ќе бидат ли казнети вистинските виновници? Дали казните ќе бидат доволно строги, за да имаат и освестувачка улога? Ќе го смениме ли загниениот систем наследен од минатото, пред истиот да нѐ пеплоса сите духовно и физички? Прашањата немаат крај. А прашалниците во очите на оние три момчиња, што ги спомнав погоре во текстот, не се гледаат од гневот поради нивната беспомошност. Тоа е печатот на овие генерации што доаѓаат после нас. Им оставивме еден труп, кој долго време скапува, но е креиран така, што може да скапува со децении, без да го снема и да прекине да труе… да сее смрт. Што ќе прават децата, што утре ќе станат како нас пробелени мажи и жени? Ќе го чекаат „нивниот“ човек на шалтер? Ќе прават шеми како да платат помала сума на пари за комуналии? Ќе даваат рушвети за да спијат мирно, додека се прават на бизнисмени и газди? Ќе се евакуираат од овде со европски (бугарски) пасоши? Што ќе прават, за да не се чувствуваат толку немоќни? Зарем и по „белиот“ свет не се случуваат катастрофи? Што, ако избегаат?

Траумата ќе им остане засекогаш. Ја просведочивме сите заедно најновата и најголемата трагедија во историјата на РС Македонија. За истата новинарот и сопственик на агенцијата БГНЕС во Бугарија, Љубчо Нешков ќе рече дека била неизбежна. Колку страшно звучи оваа вистина! Неизбежност! Црнилата се продрени од светилките на телефоните на плоштадот, но покрај нашиот молк, тие громогласно сведочат пред судот на сопственото наше постоење и нашата беспомошност дури да ја опцуеме сопствената наивна и на моменти карикатурална ништожност!

И тогаш, кога си мислиш дека си сам, од некаде се појавува хуманизмот на оние, кои први ќе подадат рака. Ќе имаат капацитет да ја облажат трагедијата, да спасат човечки животи, без да се штедат и без да бараат благодарност за тоа. Тоа се сите оние херои, кои во кобната ноќ спасувале луѓе, без да мислат на сопствените животи, лекарите и останатиот медицински персонал во земјата, во Бугарија, Србија, Грција, Турција, Словенија, Хрватска, Италија, Австрија, Белгија, Литванија, Шведска, Унгарија, Шпанија и Полска… кои работат како една добро проектирана машина, со една единствена цел, да спасат што е можно повеќе наши деца.

Светол да им биде патот на оние кои загинаа за да спасат туѓ живот, светол да биде споменот за шоферот Илчо Гоцевски, кој почина откако цела ноќ превезувал повредени од пожарот. Само убавини да ги следат хероите доктори и друг болнички персонал од нашата и веќе споменатите земји. Да бидат живи и здрави сите што донираа крв за настраданите. Тие се нашите херои.

Ние Бугарите, без разлика од каде сме и каде се наоѓаме во моментот, треба да бидеме горди на брзата и хируршки прецизна операција по транспортирањето на дел од жртвите од страна на бугарската држава на нејзина територија. Бугарскиот државен врв, бугарската амбасада во Скопје, сите инволвирани во оваа спасувачка акција треба да бидат поздравени за брзата реакција. Бугарите што отидоа до импровизираните места и центри за дарување крв ширум Бугарија треба да бидат поздравени.

Се редат бројките за стотици донатори на крв низ повеќе градови на Бугарија, кои мирно го чекаат својот ред за да дадат капка надеж за живот на своите најмили на Балканот. Зарем тоа не е доказ за блискост, за љубов. Понекогаш неразбрана, понекогаш чудна, но сепак љубов. Таму изморени и претепани од тага ги гледам како организираат нови и нови донатори Столе и Ацето од Кочани. Како Христијан од Охрид, оној истиот Христијан што според некои овде си го бил заслужил ќотекот на Водици пред неколку години, облечен во униформа на Бугарскиот црвен крст, исто така координира и гори во задачата да биде обезбедена што повеќе крв за настраданите… Тука се Кате и Иле и уште многу други, кои веднаш оставија свои контакти со цел да бидат контактирани за да пружат помош на роднините на жртвите. Тука е и бугарскиот пратеник Манол Пеjков, кој донираше за настраданите 35 илјади евра, собрани од донатори на фондацијата „Манол Пејков и пријатели“ Тоа се светлите примери. Нивните имиња мора да се знаат

Таму некаде, макар и далеку од ужасниот чад, болката е општа, солзите се слеваат во едно, срцата и тие се стуткани во една иста топка. Како на онаа млада и симпатична докторка од Кочани, вработена во бугарската итна помош, која морала да остане при себе иако доаѓајќи во родниот град со првите амбулантни возила од Бугарија, го видела ужасот во лицата на нејзините роднини и познаници. Таму некаде тагата беше споделена, оти така е пишано, и во арно и во зло, заедно да бидеме.

Тука народот, изпрати една голема благодарност на своите од другата страна на границата. Луѓето ја препознаа добрината.

Бог нека се смилува над сите жртви во трагедијата и да им даде сила на нивните роднини и близки. Нека ни даде сила и нам, оти веќе ни се збоктиса од немоќта и ужасите на кои станавме сведоци и ги изплакавме како најтешки наши порази.