25-годишно момче е жртва на сообраќајната несреќа што се случи половина час пред полноќ на булеварот „Словенечка“ во Скопје. Младото момче било пешак и додека чекал на семафор, едно од возилата силно удрило во него. Според МВР, сообраќајката се случила помеѓу две возила „мерцедес“, едното со скопски, а другото со италијански таблички.
„По незгодата пешакот е препратен во клиниката „Мајка Тереза“ каде му биле констатирани повреди и лекарот констатирал смрт. Возачот С.О. и неговиот сопатник М.О. (28) од Скопје се здобиле со тешки телесни повреди. Со телесни повреди се здобил и возачот А.С.“, наведоа од МВР.
Министерството за внатрешни работи бара од граѓаните максимално да ги почитуваат сообраќајните правила, додека другите надлежни институции ги спроведуваат законите за оние кои ги прекршуваат правилата и предизвикуваат трагедии на патиштата во државата.
„Минатата година имавме над 250.000 санкции од кои најголем број се за пребрзо возење, бидејќи во најголем број од сообраќајни несреќи, причина е брзото возење. Но, се разбира, што е наша работа ние целосно ја работиме и граѓаните можат да ги видат полицајците на улица како секојдневно ги казнуваат овие прекршувачи. Секако, кога станува збор за вакви сообраќајни несреќи со тешки последици, тогаш овластувањата преминуваат на Обвинителството и Судот, од каде што очекуваме построги казни за овие тешки прекршоци, за да бидат поука за другите граѓани да внимаваат во сообраќај”, рече Тони Ангеловски, помошник министер при МВР.
Од Обвинителството велат дека ги добиле видео материјалите и доказите за несреќата, додека двајцата возачи се во болница на лекување.