Под строги мерки за заштита и превенција на населението од коронавирусот, попладнево во Струга се одржа традиционалната Литија со моштите на „Свети Георгиј Победоносец“, чудотворната икона на светецот и Крнинската икона на Богородица. Поради пандемијата, годинашната Литија се оджа без верниците во топлата, само со локалното свештенство и братството и сестринството од Бигорски и манастирот во Рајчица.
Почитувајќи ги апелите на организаторите, верниците држејќи соодветно растојание и со заштитни маски пред светињите се поклонија распоредени по тротоарите и на кејовите на реката Црн Дрим, како и на вечерната богослужба која се одржа во дворот на црквата „Свети Ѓеоргиј“.
– Да го помолиме светиот великомаченик Георгиј, следната година, да нема вонредни околности. Што поскоро светот да се избави од големото искушение што го снајде за животот да се врати во нормала и да можеме Струшката Литија да ја направиме пославна и поголема од било кога, изјави сестра Ефимија, од сестринството во манастирот во Рајчица.
За строго почитување на препораките се грижеа полициски службеници, црковни лица и приватна агенција за обезбедување, кои не дозволија во ниту еден момент да се приклучат верници во поворката. Покрај свештенството и монаштвото во Литијата се движеа и носачите на моштите на свети Георгиј и чудотворните икони, како и носачите на црковните знамиња, крстови, рипидии и се што е неопходно да се одржи обредот, но без оркестарот и традиционалните торжества.
Стружани, како што велат, денеска се сплотени и без разлика дали се излезени на улица или се во домовите, денешниот ден го доживуваат со посебна радост.
– Ние, народот денеска ќе бидеме на послушание да не сме во поворката, туку да се радуваме на благодатта на моштите. Благословот од моштите ќе стигнат до секого и без да одиме во поворката, истакна една верничка која беше да се поклони пред светињите.
Традиционално на 7 мај, во Струга се одржува Литија со моштите од Свети Георгиј Победоносец од истоимениот манастир во Рајчица. И во услови на пандемија моштите од светецот пристигнаа на раскошно украсен епитаф во црквата „Свети Георгиј“ во Струга, од манастирот во Рајчица.