Дејан Трајковски, професорот на битолскиот универзитет, кој честопати излегува со анализи и пресметки за ковид пандемијата вели дека се наоѓаме во петтиот бран на корона вирусот.
-Темпото на раст е значително помало од претходните бранови, односно ефективниот репродукцисики број Rt нема многу високи вредности. Освен тоа, се забележува дека Rt изгледа го достигна максимумот, односно брзината на растот на дневните бројки на нови случаи е максимирана. Во наредните 3 недели бројките сé уште ќе растат, но со се помало темпо, како што Rt ќе се намалува кон единица. Врвот на бранот на дневните бројки ќе биде достигнат кога Rt ќе опадне на единица и според сегашната динамика се очекува бројките да се максимираат на околу 700-1000 нови случаи дневно и тоа на почетокот од август, вели професорот.
Според него бројот на хоспитализирани е симболичен.
-Независно од големите дневни бројки на нови случаи, бројот на хоспитализирани е симболичен, односно во неделата имало само 24 хоспитализирани во целата земја. Дури и со сегашниот мал број на тестирања, се добива многу ниска стапка на хоспитализираност од околу 1%. Оваа стапка е пониска дури и од стапката што ја имавме зимата, за време на изворниот омикрон сој, а да не зборуваме за некогашните стапки, коишто долго време изнесуваа над 10%. При толку ниска стапка на хоспитализираност не може да биде висока ни стапката на леталитет, односно процентот на починати во однос на бројот на дијагностицирани. Сé уште е рано да зборуваме за леталитетот во овој бран, но најверојатно стапката ќе биде пониска од 1,5%, колку што изнесуваше за време на бранот на омикрон сојот, коментира Трајковски.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.