Пред летните одмори градоначалникот Арсовска изјави дека ќе работи цело лето и нема да земе одмор, мој совет е да си земе малку одмор, затоа што се гледа нервоза, а во нервоза и брзоплетост се прават грешки. Од она што го гледам и од она што постојано се случува во градската администрација, беше јасно потребен е одмор. Мене ми изгледа како госпоѓата Арсовска на моменти да изгледа како четири годишно дете, кое што има чеканче во рака и секој предмет што е околу него го гледа како клинец, како шајка и само удира. Тоа удирање треба да запре, изјави Трајко Славески член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на советот на град Скопје.

Однесувањето на Арсовска односно разрешувањето на најблиските соработници, на директорите на јавните институции, за Славески не изгледа како постапка на искусен менаџер.

– Во интерес на граѓаните со извлекување на поуки од ова што се случува, доведување на работите и однесувањето на своето место, како возрасни личности да продолжиме да функционираме во интерес на граѓаните на Градот Скопје. Јас тоа го ветувам, без разлика колку долго ќе останам претседател на Советот, ветувам дека советот така ќе продолжи да функционира, посакувам и сите останати така да функционираат – рече Славески.

Тој како одговор на прашањето дали ВМРО ДПМНЕ жали што на овие избори поддржало независен кандидат за градоначалник на Скопје, место партиски кадар, рече дека кога станувало збор за изборот на партијата, кој ќе биде нивниот кандидат, тој бил против Арсовска да биде кандидат за градоначалник на Скопје кој ќе биде поддржан од ВМРО ДПМНЕ.

Тој рече дека досега со градоначалничката се имаат сретнато само трипати за да разговараат за актуелни теми за градот.