Државниот пазарен инспекторат нема да го чека утрешниот ден, односно целосното завршување на одлуките, туку како и до сега, во континуитет, така и денес излегуваме на терен и ќе извршуваме надзори во сите големи маркети во Република Северна Македонија, по сите закони по кои постапува пазарниот инспекторат, вели директорот на ДПИ, Горан Трајковски.
Меѓудругото тој порачува:
Во изминатиот период, пазарниот инспекторат беше на ниво на својата задача и во интерес на сите засегнати страни, а најмногу во интерес на граѓаните, постапувавме и не дозволивме никој да применува нечесни трговски практики, а со тоа и да не ги почитува антикризните мерки донесени од страна на Владата. Вака ќе продолжиме да постапуваме и во иднина, а секое постапување спротивно од законите кои се во наша надлежност ќе биде казнето.
Апелирам и до трговците на мало, но и до трговците на големо, да бидат општествено одговорни и да ги прилагодат цените во согласност со стандардот на граѓаните.
Пазарниот инспекторат при надзорите ќе опфати поширок обем на закони за постапување, како што се Законот за заштита на потрошувачите, Законот за трговија, Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност, Закон за инспекциски надзор, Закон за државен пазарен инспекторат итн.
Повеќе пати напоменав, а ќе повторам и сега, дека никој не е над законот, а оној кој ќе применува нечесни трговски практики и ќе ги прекрши законите, ќе биде санкциониран, а во зависност од сторениот прекршок, заклучно со денес, постои можност и за затворање на објекти за вршење дејност на определен временски период.