Министерот за внатрешни работи во техничката Влада, Панче Тошковски денеска ги посетил Полициското одделение Јегуновце и Одделението за внатрешни работи Гостивар при Секторот за внатрешни работи Тетово.

Во рамки на двете посети министерот Тошковски, како што соопшти МВР, одржал работни состаноци со раководствата на кои се разговарало за тековните активности и проблеми во работењето.

Од страна на раководството на ПО Јегуновце на министерот му биле посочени неколку проблеми поврзани со материјално-технички средства за работа, за кои истакнал дека ќе даде соодветни насоки до надлежните служби за да се надминат.

Од МВР соопштуваат дека се разговарало за потребата од отворање пункт за фотографирање во Јегуновце кои ќе овозможи на овие граѓани полесно и побрзо да дојдат до своите лични документи, за што ќе се направи соодветна анализа на потребните ресурси и можноста ова да биде имплементирано.

На состанокот со раководството на ОВР Гостивар меѓудругото министерот Тошковски бил запознаен и со фактичката состојба поврзана со пополнетоста на организациската единица од аспект на човечки ресурси и му било посочено дека се соочуваат со сериозен недостаток на униформирани полициски службеници и во иднина потребно е да се направат определени промени во овој дел.

Во оваа прилика Тошковски ги посетил и управните служби кои се наоѓаат во истиот објект, каде од страна на раководителот му било посочено дека во моментот нема гужви за фотографирање и овие постапки се одвиваат без проблеми.