Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски денеска го посетил Одделот за форензички испитувања при МВР, кој од неодамна доби нова зграда изградена согласно најновите меѓународни стандарди, а со поддршка на Европската Унија, соопштија од МВР.

Во рамки на посетата Тошковски остварил состанок со началничката на Одделот, која ја презентирала структурата на оваа организациска единица и ги образложила проблемите со кои сè уште се соочуваат од аспект на набавка на соодветни материјално-технички средства кои, како што стои во соопштението, подолго време не се набавени, а се неопходни за целосно ставање во функција на новата зграда, односно за комплетно префрлање на оние лаборатории кои во моментот сè уште се лоцирани во стариот објект.

Како што се наведува во соопштението, заедно со началничката, министерот Тошковски ги посетил различните одделенија кои функционираат во рамки на овој Оддел и преку непосредна комуникација со вработените бил запознаен со нивната работа.