Министерот за внатрешни работи во техничката Влада, Панче Тошковски денеска ја посетил Единицата за внатрешни работи Кисела Вода при Секторот за внатрешни работи – Скопје, каде одржал работен состанок со раководството, соопшти попладнево МВР.

– На состанокот се разговараше за тековните активности и предизвици на полициските службеници од оваа Единица и беше истакнато дека покриваат големо подрачје, а се соочуваат со кадровски дефицит и слаба техничка опременост, особено во делот на моторни возила, пишува во соопштението.

На средбата, како што информираат од МВР, било потенцирано дека објектот на оваа организациска единица не е лоциран на територија на Кисела Вода за којашто е надлежна, туку на територија на општина Центар и потребно е во иднина да се размислува за изградба на нов објект, што ќе биде лоциран на посоодветно место.

– Во делот на најновата мерка со која се предвиде граѓаните да ги подигаат готовите лични карти од полициските станици, од страна на командирот на ПС ОН Кисела Вода беше потенцирано дека овој процес се одвива без проблеми и на овој начин се постигнува поголема ефикасност бидејќи граѓаните можат во било кое време да дојдат во станица, а во исто време полициските службеници кои постапуваат на терен се ослободени од оваа дополнителна обврска, се наведува во соопштението.