Денес, во кругот на Полициската станица во Пробиштип, се одржа свечена церемонија на откривање на спомен-биста во чест на храбриот полициски службеник Тоше Тодоровски, кој трагично го загуби својот живот извршувајќи службена задача во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

На настанот присуствуваа неговото семејство, колегите, претставници на институциите, синдикатите и бројни граѓани, кои со достоинство и почит се поклонија пред делото на Тоше, кој загина спасувајќи млади човечки животи.

„Шест месеци по оваа голема трагедија, болката и тагата се уште се силни, но вечен ќе биде и споменот за неговата храброст и саможртва. Тоше останува симбол на посветеноста и пожртвуваноста на македонскиот полициски службеник – човек кој својот живот го стави во служба на заштитата на другите,“ истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Министерот додаде дека Министерството за внатрешни работи ќе продолжи да стои покрај семејствата на загинатите, да ја чува нивната жртва од заборав и да се бори за правда, во името на сочувството, достоинството и почитта кон оние кои најмногу изгубија.

„Вечна слава и благодарност за Тоше. Хероите живеат вечно, Тоше ќе живее вечно,“ порача министерот Тошковски.