Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија Саит Саити денеска потпишаа меморандум за соработка помеѓу МВР и Црвениот крст.

Меморандумот претставува основа за понатамошна институционална соработка во областа на хуманитарното делување, превенцијата и одговорот при кризни и вонредни состојби, заеднички активности во полето на безбедноста, едукацијата, обуките, како и унапредување на волонтерството и солидарноста во заедницата. Со потпишувањето ќе се овозможи поефикасна координација помеѓу двете институции во интерес на граѓаните и нивната благосостојба.

Министерот Тошковски изрази голема благодарност до Црвениот крст за сета досегашна помош што ја има дадено како на министерството така и на државата и граѓаните и истакна дека унапредување на соработката е со цел зголемување на позитивниот ефект врз државата и граѓаните.

„Ваков тип на институционална соработка треба да биде пример како треба да се одвива една успешна соработка во интерес на државата. Овој меморандум за соработка кој денес го потпишуваме само дополнително ќе ги зајакне основите за нејзино унапредување и во иднина. Сигурен сум дека резултатите кои ќе ги дадеме во иднина ќе бидат уште подобри благодарение на ваквото унапредување.“, истакна министерот Тошковски на потпишувањето на меморандумот.

Генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити истакна дека и досегашната соработка на двете институции е повеќе од задоволителна но во насока на нејзино унапредување се потпишува овој меморандум кој регулира нови области на заедничко делување кои поефикасно ќе ги пресретнат новите предизвици кои се наметнуваат.

„Спроведувајќи ги одредбите од меморандумот ќе можеме да продуцираме и да произведеме нови форми на соработка кои ќе овозможат да ги зголемиме хуманитарните ефекти од нашето работење во општеството.“, потенцираше Саити.

Текстот Тошковски и Саити потпишаа меморандум за соработка: во фокусот превенцијата и одговорот при кризни и вонредни состојби е превземен од МАКФАКС.