Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, по вчерашниот настан во Тетово, каде полициски службеници спречија трагедија и спасија млад живот, денес го прими и разговараше со колегата Беким Исмани, кој со исклучителна храброст и присебност ја спречи девојката да скокне и да си го одземе животот, а притоа беше повреден од ножот кој таа го држела во раката.

„Станува збор за млада девојка, жртва на тешка животна ситуација и психолошка криза. Благодарение на навремената и решителна интервенција на нашите полициски службеници од СВР Тетово, таа денеска е жива и надвор од опасност.
Ова не е само службено постапување, ова е чин на пожртвуваност, хуманост и длабока посветеност на мисијата да се заштити секој човечки живот. Во рамки на законските можности, ќе го наградам колегата Беким Исмани како признание за неговата храброст, професионализам и несебично постапување“, рече Тошковски.

Тој нагласи дека вистинска сила на полициската професија се гледа во најтешките моменти/Макфакс