Владимир Перев
1.
Европратеникот и референт за Северна Македонија, промовирајќи го “несомненото постоење на македонскиот јазик и нација“, изненади и со својата изјава дека тој е “австриец, словенец и унгарец, исто колку што е и европеец“. Низ таа космполитиска изјава на Вајц, низ сеќавањата на луѓето овде, па и во Бугарија, се почуствува здивот на веќе непостоечката, но никогаш заборавена Австроунгарска империја, толку убаво претставена и до нас достапна преку делото на Хашек и неговиот бесмртен Швејк. Веќе одамна заминаа од овој свет оние наши југословенски сограѓани од Словенија, Хрватска, Војводина и БиХ, кои имаа барем малку меморија за животот во Империјата К&К…нам нѝ остана Вајц. Кој ли воопшто му рекол дека македонски јазик и нација не постојат, кој ли го поучил дека треба донкихотски да се бори за македонските права. Ја познава ли тој човек барем малку македонската историја и лингвистика, знае ли каде се “крие ѓаволот“ и што тој треба да направи за работите да тргнат. Или, остануваме на размислите на Швејк за Империјата и војната…
2.
Размислувањата на некои од нас македонците, по однос на бугарската политика во последниве сто и педесет години, во многу нешта се разликуваат од вообичаените стандарди, како во Македонија, така и во Бугарија, во претставувањето на таа политика. Македонските бугари се воодушевуваат од военото обединително и одбрамбено дело на Кнез Александар Батенберг и на антируската политика на премиерот Стефан Стамболов. Руската политика и двајцата, по насилен пат ги отстрани од политичкиот живот во Бугарија, Кнезот со преврат, а премиерот Стамболов со атентат. Потоа доаѓаат Кобурзите, со својот егоцентризам, слаба надворешна политика и млаки дејствија во зачувувањето на државноста на земјата. Конечно со 19. мајскиот преврат во 1934 година, земјата ја превземаат кимонгеоргиевци и дамјанвелчевци, поддржани од некои македонски родоотстапници, за Бугарија да ја претворат во сфера на руско-српско влијание и во одредени моменти, да го загрозат и самото постоење на државата. Периодот од 1934 до 1944 година е период на војна, но и период во кој државата се преиспитува, за конечно да ја доживее советската окупација, од 1944 година до 1990, чии последици се видливи и до денешен ден. Таканаречениот “тодорживковски период“ на бугарската држава се одликува со суровост во внатрешното управување, безлична и понижувачка надворешна политика и флоскулата дека Бугарија е “најверниот сојузник на СССР“. Потоа доаѓа падот на режимот во цела Источна Европа и Бугарија тргнува во патот на слободата и човечките вредности.
3.
Македонские бугари во речиси целосен број се на страната на десните теченија, како во Бугарија, така и во ВМРО. Тие се ванчомихајловисти и остануваат доследни во својата припадност на целовитоста на бугарското племе, на национот чие име го носат и ги споделуваат неговите вредности. Идејата на Михајлов за “Македонија, Швајцарија на Балканот“ меѓу нашите претци била прифатена како идеја за сопствена мултиетничка македонска држава, како единствена можност да се запази бугарскиот национален идентитет на македонците. Тие размисли на македонските бугари за запазување на нивната бугарска национална идентичност, од 1934 година па сѐ до некаде 2020 година се одбивани од српската/македонската политичка реалност, а во бугарското општество се примани со значителна доза на резерва. Овде владееше деспотски режим на насилие, а Бугарија тогаш (па делимично и сега) се бореше со своите русофилски демони, вткаени во ткивото на актуелните политики.
4.
Во октомври 2019 година, Бугарија конечно ја утврди својата политика кон Македонија. Во таа прва декларација на Парламентот се утврди позицијата по однос на правата на бугарите во РСМ, а во втората, од 30 мај оваа година, се определи позицијата по однос на исполнувањето на условите преку кои Македонија ќе се присоедини кон ЕУ, со акцент на правата на бугарите во РСМ и нивното вметнување во Уставот. Тоа е огромен напредок по однос на долгото чмаење во изминатите десетици години. Овие бугарски акти од македонската политика и инструираното општество беа примани “на нож“, а премиерот Мицковски говореше за “свиткана кичма и црвени линии“, за кои никој не разбра кои се, зошто се и до каде се. Во тие баханалии на национализам и шовинизам, некако нејасно се приклучи и Томас Вајц, во неговата “историска одбрана“ на македонскиот јазик и нација. Па нека некој му каже на кој јазик и со кое писмо се напишани сите наши весници и портали, кој ги чита нив и кој ги разбира…истото нека го направи и со бугарските портали, се надевам да разбере. Не е проблемот во “постоењето на јазикот и писмото“, проблемот е во поимањето на корените на македонскиот јазик и писмо, на историјата на македонскиот јазик и неговото формирање, па ако баш сакате и на философијата на тој јазик.
5.
Мицкоски и ДПМНЕ дојдоа на политичката сцена со гласни повикувања на ревидирање или дури и откажување од меѓународните договори со Грција и Бугарија. Денес тие гласови се стивнати, но не се замолканати. Македонските бугари знаат дека Мицкоски нема да “наведне кичма“ и ќе се откаже од договорот со Бугарија, запазувајќи ги своите нејасни, конфузни национални и јазични идеали. Не треба да очекуваме дека и од бугарските државјанства и пасоши ќе се откаже сета онаа булумента на квазипатриоти и преваранти, неспособни и криминогени функционери, сместени во државните македонски институции, како знак на поддршка на политиката на премиерот. Тоа се оние кои овде се македонци а во Бугарија бугари, а всушност се една лигава смеса на балкански итромани и крадливи бизнисмени.
Сигурно е дека во оваа нашава Северна, нема сила и карактер кој ќе посегне на договорите. Тоа се празни приказни за нас, обичните припрости луѓе. Историјата не учи дека договори се потпишуваат пред војна и после војна. Првите за сојуз во војна, вторите за сојуз после војна. Само војната ги раскинува постоечките, за по војната да се формираат нови сојузи со нови договори…за оние кои ќе “ја преживеат“ војната, другите потпишуваат капитулации!
6.
Очевидно е дека премиерот Мицкоски не може да се справи со “мангупите во своите редови“, проблем на дволичништво со кој ни Ленин не успеал да се справи… а може би и е согласен со тие луѓе во својата близина. Затоа пак, бугарските институции треба да поведат сметка. Време е веќе конечно бугарските служби и јавното обвинителство да отпочнат прочистување на оние кои под превезат на демократијата и слободното мислење, а заштитени со бугарските/европски пасоши, вршат диверзија врз бугарското национално ткиво, како во Северна Македонија, така и делимично Бугарија. Тоа се политичари и бизнисмени од сите македонски партии, стекнати со бугарско државјанство и прокламатори на омраза кон сѐ бугарско низ целиот свет. Јавното обвинителство треба да постапи согласно словото на законот за нив и да изврши стопирање на нивните граѓански права во светот, стекнати со бугарски документи. Тоа ќе биде првиот конкретен чин на спазување на достоинството и правата на македонските бугари, нешта за кои во Бугарија се говори секојдневно.
7.
Племенитите намери на Вајц за македонските проблеми со идентитетот и јазикот треба да бидат поддржани, ама и проширени по негов терк. Некој треба да му каже дека треба да се бори, секој од нас да може да се чувствува и македонец и бугарин, и асномец и ванчомихајловист, да биде единствен во своите двојства, како што тој се чувствува единствен во своето тројство. Споменот за Австроунгарската империја е нормален, ама треба и ние нормално да се чувствуваме како дел од Бугарското Царство, како бугари и самоиловци, а истовремено и како европјани.
На тој пат треба да го упатат “европеецот“ Вајц.