Покачувањето на платите на наставниците и професорите мора да оди заедно со подигнувањето на квалитетот на образованието и нивото на знаење кај учениците и студентите, пишува Никола Тодоров за Дојче Веле, поранешен министер за образование, но и здравство.
– Според државната статистика приватните фирми во кои работат околу 600 илјади вработени, на својот грб, покрај примателите на социјална помош, носат и околу 540 илјади пензионери и административци, околу 340 илјади деца на возраст од 0-14 години и 150.843 невработени. Значи, приватните компании со своите 600 илјади вработени создаваат доход за над 1,1 милион нивни сограѓани кои земаат плата, пензија или социјална помош од данокот кој го плаќаат фирмите и оние кои работат во приватниот сектор, вели Тодоров.
На прашањето што ќе постигнеме со мораториум на вработувања во администрацијата, Тодоров објаснува:
-Заштедата од над 187 милиони евра која ќе ја донесе оваа мерка за четири години, може да го подигне животниот стандард на наставниците во основно и средно образование, но и на професорите на државните универзитети и пак да останат доволно средства за нови капитални инвестиции. Според статистиката, во државава имаме околу 25.000 наставници во основно и средно образование и 4.130 професори и соработници на државните универзитети. Со мораториум на вработување во администрацијата (државна и општинска) ќе овозможиме зголемување на бруто платата на наставниците за 6.000 денари месечно (околу 9.000 денари бруто) што ќе го оптовари буџетот за 40 милиони евра годишно и зголемување на платите на професорите и соработниците на универзитетите за 8.000 денари нето, што ќе го оптовари буџетот за дополнителни 10 милиони евра годишно. Доколку се предвиди зголемувањето да оди во две години по 50% од предвиденото покачување годишно, тоа значи дека на 1 март 2024 години наставниците ќе имаат месечна нето плата над 31 илјада денари, а во четиригодишниот период државата ќе успее да го финансира покачувањето на платите и плус да и останат дополнителни над 37 милиони евра за капитални инвестиции. Ако сме паметни и продолжиме со истава мерка и во наредните четири години, ќе имаме 16.000 административци помалку на општински или државен буџет, па секоја година ќе имаме околу 150 милиони евра повеќе за капитални инвестиции и повисоки плати, пишува Тодоров во текстот за Дојче Веле.