Кинеската влада денеска оцени дека одлуката на САД да ги изземе паметните телефони, компјутерите и другите електронски производи од дополнителни царини е „мал чекор за корекција на лошите американски практики“.

„Одлуката е мал чекор за САД да ја поправат својата лоша практика во врска со еднострано решените реципрочни царини“, рече портпаролот на кинеското Министерство за трговија во соопштението.

Тој додаде дека Пекинг сега го проценува влијанието на одлуката.

САД, кои се среде царинска војна со Кина, одлучија да ги изземат паметните телефони и компјутерите од неодамнешните царински мерки што ги воведе претседателот Доналд Трамп, објави вчера тамошната царинска служба.

Тие исклучоци се однесуваат на електронските производи увезени во САД од Кина, на кои Трамп воведе царини од 145 отсто.

Полупроводниците се ослободени од тарифата од 10 отсто што се применува на повеќето американски трговски партнери.

Одлуките доаѓаат како олеснување за американските потрошувачи, кои беа изложени на ризик да се соочат со зголемување на цените на овие популарни производи.