Еден од најпознатите српски режисери и директори на фотографија, Божидар Николиќ, почина вчера на 80 години како последица на коронавирус, јави РТС.
Познатиот српски режисер и директор на фотографија, работеше на бројни филмски остварувања како „Балкански шпион“, „Три карти за Холивуд“, „Во името на таткото и синот“. Тој беше и режисерот кој му ја даде првата улога на Бред Пит во филмот „Темната страна на сонцето“ во кој играа Шерил Полак, Гај Бојд, Милена Дравиќ, Соња Савиќ и други.
Филмот е снимен како американска копродукција со тогашната СФРЈ и Канада, а токму Николиќ го избрал Бред Пит од 400 актери кои се појавиле на аудицијата.
– Јас го открив Бред Пит. Бев во „Метро Голдвин Мајер“ студиото и од 400 актери кои дојдоа на кастинг, го избрав него. Поради војната која изби во тогашна Југославија, „Темната страна на сонцето“, за жал овде никогаш не е прикажан, а американска премиера имаше дури во 1997 година. Мене всушност, Американците ми го украдоа тој филм, бидејќи сум негов сосопственик, а никогаш не ми дадоа ни динар. Но, денес можам да кажам дека во кариерата не жалам за ништо – изјави своевремено Николиќ.
Подоцна Бред Пит лично му признал на режисерот дека оваа улога му го сменила животот.
Николиќ е роден во Никшиќ 1942 година, а кинематографскиот занат го совладал во тек на 60-те и 70-те години како камерман во Радио-телевизија Белград. Како директор на фотографија соработувал со Лордан Зафрановиќ, Живко Николиќ, Ватрослав Мимица, Милан Јелиќ и други. Како снимател и директор на фотографија ги потпишал најзначајните остварувања на југословенскиот и српскиот филм, меѓу кои „Маратонците го трчаат почесниот круг“, „Момче кое ветува“, „Игмански марш“, „Глув барут“, „За сега без добар наслов“, „Животот е убав“, „Балкански браќа“ и „Дојди утре“.
Добитник беше на две награди Златна арена во Пула за камера – за филмот „Бештии“ (1978) и за „Животот е убав“ (1985), а Златна арена за режија ја поделил со Душан Ковачевиќ за „Балкански шпиун“.
На Софест во 2016 година награден беше со наградата Слобода, за придонес во филмската уметност за камера. Во 2015 година во Битола на интернационалниот фестивал „Браќа Манаки“ добил награда за животно дело „Златна камера 300“ за придонес во современата светска филмска уметност.
Беше член на „регулаторното тело“ за електронски медиуми и почесен член на Асоцијацијата на српски сниматели. Тој беше татко на две ќерки, од кои Јована Николиќ е докажана музичарка, а Маша Кариќ се занимава со филантропија и економија.