Срцевиот удар многумина го замислуваат како болка во градите, отежнато дишење, па дури и вртоглавица, но тоа не е нешто што треба да се игнорира. Дознајте како да препознаете дали сте имале „тивок“ срцев удар и што е тоа што го предизвикало, за во иднина да можете да го спречите и да се заштитите од поголем удар.

Повеќето луѓе ќе помислат, кога ќе се спомене срцев удар, на брза, силна болка во градите и отежнато дишење. Но, приближно едно од пет лица кои доживуваат срцев удар ќе има благи симптоми, ако тие воопшто се појават. Лекарите го опишуваат како „тивок“ срцев удар затоа што кога ќе се појави, симптомите немаат интензитет на акутен срцев удар, како што се екстремна болка и притисок во градите, прободувачка болка во раката, вратот или вилицата, ненадејно отежнато дишење, потење и вртоглавица.

Последиците можат да бидат тешки: Луѓето кои доживуваат ваков вид срцев удар ретко ќе добијат медицинска помош затоа што и самите не знаат што им се случува. Токму тоа ги става во многу поризична група од оние кои можат да умрат од болести на срцето.

Историја на болести е ризичен фактор

Еден пациент кој доживеал „тивок“ срцев удар го споделил своето искуство, при што истакнал дека токму прескокнувањето на попладневниот одмор, за кој чувствувал голема потреба, му го спасило животот.

Историјата на болести е важно да се спомне во приказната на пациентот, во чие семејство неколку членови имале потешки кардиоваскуларни заболувања – дедото, таткото, па дури и чичкото, истакнуваат кардиолозите.

Непотребно е да се каже, но кога нивото на холестерол ми се зголеми кон крајот на 30-тите години, требаше да ги сфатам работите посериозно. Кога наполнив 45 години, се случи ангина – се појави силна болка во градите поради затнување на артериите и ми ставија двоен бајпас – раскажува пациентот, додавајќи дека по 12 години доживеал проблеми на еден настап:

„Почувствував исклучителен замор, мислев дека едноставно не сум во добра форма. Неколку недели потоа, почувствував уште посилен замор и болка во грбот и во левото рамо. Претпоставував дека тоа е последица од одењето на акупунктура. Бидејќи имав важна презентација тој ден, немаше шанса да откажам, иако сопругата ме молеше да посетам лекар. Отидов да дремнам 20-тина минути. Се чувствував подобро и одржав презентација. По 10 минути, енергијата повторно ме напушти и знаев дека нешто не е во ред. Отидов дома, сопругата ми рече дека нешто не е во ред веднаш штом ме виде и едвај ме убеди да одам во итната служба. Иако сакав само да си легнам, за мир во куќата се согласив да одам на лекар. Секако, веднаш штом ме прегледаа, ми рекоа дека била паметна одлуката да дојдам, а не да одморам, бидејќи сум доживеал срцев удар кој траел околу три часа, па сум изгубил околу 30 отсто од силата на срцето да пумпа крв. Да легнев како што планирав, денес немаше да бидам жив“.

Што е, всушност, „тивок“ срцев удар?

Симптомите на „тивок“ срцев удар може да бидат многу благи и да траат многу кратко, поради што често ги заменуваме со некои вообичаени, помалку сериозни проблеми и, како по правило, поради тоа ги занемаруваме. На пример, може да чувствувате замор или физичка непријатност за што ќе ја обвините напорната работна недела, проблемите со спиењето или некои општи симптоми поврзани со стареењето.

Другите типични симптоми на „тивок“ инфаркт, како што се блага болка во грлото или во градите, може да се заменат со симптомите на желудочен рефлукс, отежнато варење и киселини во желудникот, предупредуваат научниците од „Харвард“.

Исто така, понекогаш погрешно го толкуваме местото каде што се појавува болката. Кај „тивкиот“ инфаркт, може да почувствувате непријатност во центарот на градите, а не остра болка на левата страна на градниот кош, која многу луѓе ја поврзуваат со срцевиот удар. Луѓето дури можат да се чувствуваат сосема нормално за време на „тивкиот“ инфаркт и отпосле, што дополнително ја зголемува можноста за пропуштање на знаците на предупредување, забележуваат лекарите.

Недостаток на свест за можните опасности

Алармантен е бројот на луѓе кои доживуваат „тивок“ срцев удар, без да бидат свесни за тоа, тврдат експертите. За време на студија спроведена во САД, лекарите испитувале 2.000 испитаници на возраст меѓу 45 и 84 години и заклучиле дека немаат никакви кардиоваскуларни болести. Десет години подоцна, 8 отсто од испитаниците имале миокардијални лузни, што укажува на срцев удар. Најмногу изненадил фактот дека дури 80 отсто од испитаниците не биле свесни за својата состојба, а преваленцата на миокардни лузни била пет пати поголема кај мажите отколку кај жените.
И тивкиот и акутниот срцев удар ги делат истите ризични фактори: пушење, прекумерна тежина, недостаток на вежбање, висок крвен притисок, високо ниво на холестерол и дијабетес. И тие можат да бидат исто толку опасни.

Како да го препознаете?

Можеби нема да сте свесни дека сте доживеале срцев удар сè додека недели или дури месеци подоцна не го посетите вашиот лекар поради трајни симптоми како што се замор, отежнато дишење или киселини во желудникот. Последиците обично се откриваат на електрокардиограм (ЕКГ) или ехокардиограм, кој може да го потенцира оштетувањето на срцевиот мускул. Друг метод е тест на крвта за молекуларни отпечатоци на тропонин Т, протеин што се ослободува од оштетените клетки на срцето. Овој тест често се користи во амбулантите за итна помош за пациенти со симптоми на срцев удар. Откако ќе се утврди дека сте „преоделе“ срцев удар, вашиот лекар ќе ги препознае вашите главни ризични фактори и ќе ви помогне во осмислувањето на стратегијата за лекување, како што е промена на исхраната, редовно вежбање или земање статини доколку е потребно, како и други лекови кои помагаат во спречувањето на втор срцев удар.
Ако забележите какви било симптоми, не ги игнорирајте, дури и ако не ви изгледаат сериозни. Играњето на сигурно е секогаш подобар потег отколку ризикувањето на потенцијално штетни последици, апелираат лекарите.

Предупредувачки знаци на „тивок“ инфаркт на миокардот

Симптомите честопати се многу лесни и краткотрајни. Во овие случаи, побарајте итна медицинска помош:

• Чувствувате непријатност во централниот дел на градниот кош, која трае неколку минути или се повлекува, па потоа повторно се појавува. Чувството е слично на непријатен притисок, затегнатост или болка.

• Чувствувате непријатност во горниот дел од телото: во двете раце, грбот, вратот, вилицата или во стомачната празнина.

• Ве мачи краток здив, отежнато дишење пред или во текот на непријатноста во градниот кош.

• Облеани сте со ладна пот, чувствувате гадење и вртоглавица.