Министерот за здравство, Беким Сали на позицијата дојде по предлог на Алтернатива во реконструкцијата на власта и во првите два и пол месеци од неговото водење на овој сектор успешно се справува со предизвиците на функцијата.
Првите месеци од неговото раководење со ова значајно министерство не се одбележани од голема помпа, ниту пак од скандали, туку од квалитетна работа во министерството и справување со здравствената криза.
Уште од доаѓањето на позицијата, пред него беше предизвикот за отпочнувањето на второто пологодие за учениците, каде што и Сали, но и целата Влада беа одлучни дека учебната година треба да започне со физичко присуство. Министерството за здравство уште во јануари најави дека со скрининг по случаен избор ја следи состојбата во училиштата, а оттогаш не е забележан раст на бројот на заразени.
Министерот Сали исто така е поборник и промотор на вакцинацијата против КОВИД-19, при што ги повика сите граѓани да се вакцинираат, како најбезбеден начин за заштита од вирусот. Тој во јавноста излезе со податоци дека 86 отсто од вакцинираните и 75 отсто од невакцинираните кои прележале КОВИД-19, имаат имунитет.
Сепак, внимателно и следејќи ги податоците, министерот не препорачува ублажување на сите мерки, бидејќи многу лесно коронавирусот може да се врати. Тој изјави дека бројките во земјава, но и според примерите од државите кои ги олабавија мерките, не дозволуваат укинување на задолжителното носење маски.
Помеѓу првите чекори преземени од министерот Сали по доаѓањето на функцијата, тој го освежи составот на Комисијата за заразни болести со нови членови. Со тоа се внесе една нова енергија и повисоко ниво на соработка, со цел носење на поквалитетни мерки за заштита на здравјето на граѓаните
Во првите месеци на функцијата, министерот исто така повика и на изградба на Клиничкиот центар, поради потребата за нова организација и нов објект за македонското здравство.
„Според првичните анализи што јас ги имам направено, поуспешно и подобро поминуваат клиниките коишто се интегрирани. На македонското здравство му треба нова организација и нов објект. Јас не знам дали ќе успеам да удрам темел на Клинички. Посакувам, не од личен аспект. Нормално, тоа би ми создало огромно задоволство за таа иницијатива којашто ја преземам и се трудам да ја водам таа иницијатива“ изјави Сали.
Освен за секојдневното менаџирање на министерството, министерот Беким Сали ретко е видлив во медиумите, што му овзможува да се посвети на својата работа. Сепак, медиумите објавија дека министерот му помогнал на човек кој имал епилептичен напад во трговски центар во главниот град, вест која наиде на позитивни критики во јавноста.
Министерот исто така се појави и во гинеколошката клиника во Чаир, каде што ѝ подари цвење и желби за многу здравје и среќа на родилката од Украина која се породи во земјава.
Доколку првите месеци од министерувањето на Беким Сали се индикатор за тоа како ќе работи во текот на целиот мандат, тогаш јасно е дека првиот човек во здравството како приоритет ја има работата, а не медиумската помпа и дека скандалите во овој сектор ќе се сведат на минимум.