Атанас Величков
Тиха нощ ,свята нощ…
Слушајќи го специјалниот пратеник на РС Македонија за решавање на спорот со Бугарија универзитетскиот професор и поранешен премиер и министер за одбрана Владо Бучковски, како во одговор на прашање поставено од лидерот на ГДУ Петар Колев, ветува дека сите проблеми Бугарите во РС Македонија ќе се решат за една ноќ, ако тие „ѝ дадат грб“ на власта да ја убеди Бугарија да го тргне ветото, се сетив на една уште понесреќна изјава на претседателот Пендаровски.
Пред речиси една година шефот на државата Стево Пендаровски во интервју за изданието „Еуобзервер“ изјави дека Бугарија сакала од Македонците да прифатат дека во 1944 преку ноќ од Бугари станале Македонци. Оваа ноторна глупост на претседателот се разбира беше кажана за РС Македонија повторно да ја облече рубата на невината девојка од приказните, која му ја носат курбан на лошиот маѓосник од Црниот замок, што ги малтретира клетите селани од околината.
Таквиот приод глумењето жртва пред сите, без разлика дали се заинтересирани или не за опстанокот на државата не е напуштен од страна на македонските политичари веќе 30 години.
Ете пред два дена Бучковски во интервју за БГНЕС изјави дека србизацијата, како што тој процес го нарекуваат Бугарите, траел со години и затоа не може преку ноќ да се реши. Истиот ден, Бучковски, како што веќе напишав во првите редови од овој напис, изјави дека, ако Бугарите од РС Македонија лобираат пред Софија, ветото да падне, тој ветува дека нивните проблеми ќе се решат преку ноќ (се повикувам на катастрофалниот превод од македонски на бугарски во видеото од настанот).
Вакви глупости изречени од лицемерните усти на знајни и незнајни јунаци, македонските Бугари слушале со децении, па сега малку ми доаѓа наивно, да земат одеднаш да поверуваат и да прекинат да дуваат на таратурот служен од македонската политичка елита, која претходно милион пати ги изгорела со врело млеко.
Бучковски не бара „грб“ (поддршка) од македонските Бугари. Тој и неговиот началник Заев веќе ја имаат поддршката на „интелектуалната елита“ сместена во Македонскиот литературен кружок 2.0. Проблемот е во тоа што таа елита е еден своевиден „дрнч“ или „бучкуруш“, кој изгледа чудно, мириса чудно и остава многу лесновидливи траги… од маснотијата. Траги кои тешко се перат.
Бучковски бара од македонските Бугари, кои не поверуваа во зашеќерените приказни на Заев да замижат и да се направат на нетокму. Да го дадат грбот, без да помислат за својата чест и честа на своите фамилии. За честа на својата крв.
Тоа е преголема цена, а не се сите македонски Бугари во фазонот, дајте ние сега да кукаме Бугарија да го удри последниот печат во книжулето на македонизмот, па после ќе му ја мислиме. Нели секако Бугарија за се е крива.
Македонските Бугари играјќи по свирката на Бучковски, треба да разберат дека, ако 70 г. некој лажел и градел антибугарска идеологија за свои политички и други чисто лукративни цели, не може туку така тоа да се признае. Не може одеднаш децата во школо да прекинат да учат дека Бугарите се фашисти од турко-татарско потекло. Треба да помине време… Преку тивката и света бугарска ноќ може да се решат сите проблеми, само ако Бугарите замижат и ги поддржат истите тие кои 30 години не само што не мрднале со прст во Македонија да не се створи толкава омраза кон Бугарија, туку и долевале масло во огнот на истата, кога тоа им носело некакви политички поени.
Македонските Бугари треба да чекаат и да се прават мутави. Треба да заборават за убиствата на Чкатровци и Ѓузелов, за долгогодишните затворски казни на Стефан Кузманов, Саво Коцарев, Панде Ефтимов, Асен Татарчев и др. Тоа сега не е важно. Важно е Бугарија да потклекне, а во тоа голем удел да имаат и оние македонски Бугари, кои ете не успеале да стекнат доверба кај Заев, па да реши премиерот да ги користи како алиби за својата лицемерна широкоскроена проевропска и не знам уште каква политика.
Тоа не поминува. Работите отидоа премногу далеку. Премногу текстови полни со антибугарска пропаганда се појавија во западни медиуми. Последниот пример е од вчера, а имено текстот објавен во ФАЦ во кој се вели дека ако Бугарија се буни за бугарски фашистички окупатор, значи не Скопје, а таа самата ја фалсификува историјата. Ќе си помисли човек дека некој фрла многу јаки пари за тоа… За лажно јакнење на позиции, во стилот гледај народе и германските новинари пишуваат како Јасминка од „Нова Македонија“…
Не иде така работава…
Тивката и света бугарска ноќ доаѓа… а по неа ќе биде ден. Ден први.