Дирекцијата за технолошко развојни зони – ТИРЗ во 2020 година исплати над 10 милиони и 600 илјади евра на 29 компании за реализација на нивните инвестиции во зоните. Ова е 94,4% реализација на предвидената државна помош за изминатата година исплатена кон странските инвеститори во земјава.
Дополнително е одобрена и предвремена исплата на обврски кон две компании, Костал и Гентерм кои предвреме ги постигнале планираните инвестиции и планирани таргети за вработување. Вкупниот износ на предвреме исплатени обврски на државата кон овие две компании е 51,2 милиони денари, средства обезбедени со Одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетски корисници донесена од страна на Владата во декември 2020г. Оваа новина е дел од целосно нов внатрешен систем на грижа за корисници. Целта е да се поттикнат и останатите инвеститори забрзано да ги реализираат своите инвестициите и планови за вработувања, а ТИРЗ и владата се подготвени да ги следат во таа динамика.
ТИРЗ има реализација од 96% на планираниот буџет за изминатата година. Во делот на капиталните инвестиции има 100% реализација. За таа цел се исплатени 5,5 милиони евра. Најголем дел се инвестирани во сообраќајната инфраструктура и асфалтирање, гасоводната инсталација, хидротехничката инфраструктура, водоснабдителен систем и со целокупната потребна пропратна инфраструктура – атмосферска и фекална канализација, улично осветлување.
За следната година се подготвува инвестициски циклус од 15 милиони евра во основна инфраструктура во повеќе зони. Истовремено во соработка со Светската банка, ТИРЗ ќе креира и „Посебен стратешки инвестициски фонд“ преку кој државата и приватните инвеститори заедно ќе вложуваат во посебни проекти за развој во инфраструктура. Со овој фонд ќе се инвестира и во постојните индустриски зони во општините, каде поголем број компании се домашни.
Дирекцијата воведува и нов пристап во привлекувањето на инвестиции според кој и домашните компании ќе ги уживаат истите услуги, поддршка и привилегии како и странските.