На средбата со претставниците на здравствените институции во Врање, град кој минатата недела беше едно од најголемите жаришта во Србија, се разговараше за процесот на вакцинирање, но и за случајот на граѓанин од Врање кој прими две дози вакцина од различни производители.
Епидемиологот и член на кризниот штаб проф. Д-р Бранислав Тиодоровиќ, зборувајќи за случајот со вакцинација со две вакцини од различни производители, рече дека се случило нешто што не смеело и не можело да се случи доколку се следат процедурите.
„Најважно е дека здравствената состојба на пациентот на кој му била дадена друга вакцина, а не онаа што требаше да ја прими како втора доза, е под контрола и сигурно е дека ќе продолжиме да ја следиме неговата состојба секој ден и ќе имаме целосен увид во тоа што се случува со нашиот граѓанин од Врање“, изјави Тиодоровиќ.
Тој посочи дека мора да бидеме свесни дека преоптовареноста на луѓето кои вршат вакцинација е огромна, како и дека интересот на населението е многу голем.
„Такво нешто не смее да се повтори, постапката е позната, постапката е јасна и мора да се спроведе до крај. Сите мора да бидат прашани пред да им се даде втората доза на вакцината, која вакцина ја примиле. Не само увид во неговата документација, туку и да го прашаат. А, ако не знае, нека се види од неговите документи“, потенцираше Тиодоровиќ.
По завршувањето на состанокот, кој траеше скоро два часа, властите соопштија дека постапката во тој случај не е следена и дека ќе се продолжи со стручен надзор, како и дека ќе се знае во наредните денови кој е одговорен поради тоа што едно лице примило вакцини од различни производители.
Врањанецот Слаѓан Антиќ бил вакциниран со вакцината на Бајонтек/Фајзер, а кога преку електронскиот систем добил СМС-порака за довакцинирање во локалната спортска сала, ја примил вакцината на Синофарм.
Антиќ кажал дека на 28 јануари ја примил првата доза од вакцината на Фајзер, а дека по грешка бил вакциниран со втора доза од кинеската вакцина.
На лекарите им го покажал својот картон за вакцинирање и разговарал со лекарот, а потоа медицинска сестра му ја дала вакцината.
Во еден момент лекарот му кажал дека „кинеската вакцина многу добро штити“, поради што се побунил објаснувајќи дека е вакциниран со таа на Фајзер, но му било објаснето дека на тој пункт ја немаат германско-американската вакцина.
Следеле низа консултации на локални и национално ниво и Антиќ ја добил терапијата, и тврди дека „се чувствува добро“.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.