Мајката, Лорин Китинг на 25 август го пронашла Леон Браун (14) во собата како не реагира. Сега таа издаде очајно предупредување до другите родители и истакна колку опасни можат да бидат трендовите на Интернет.
Таа за Daily Record раскажа како Леон се обидел да го изведе предизвикот Blackout, тренд на социјалните мрежи каде луѓето го задржуваат здивот додека не се онесвестат. Пријателот на нејзиниот син рекол дека Леон го направил предизвикот на Facetime откако го видел на TikTok.
“Мојот Леон сакаше прво да го проба. Тој и неговите пријатели веројатно мислеа дека сето тоа е смешно и дека е шега. Еден од неговите пријатели на Facetime ми кажа што направил. Таа рече дека сите мислеле дека ќе се разбуди. Но Леон не се поврати“, рекла мајката.
“Слушнав за овој предизвик затоа што му се случи на Арчи Батерсби. Но, едноставно не очекувате вашето дете да го направи тоа. Ве молиме предупредете ги, овие онлајн предизвици не вредат за нивниот живот. Не вредат за лајкови”, додаде таа.
Леон бил ученик во средното училиште Камберно.
“Тој беше најсреќното момче досега. Сакаше да ги насмее луѓето. За Леон секогаш сè беше шега”, рекол Китинг.
Мајката на Арчи Батерсби, Холи Денс неодамна тврдеше дека 82 деца загинале во обидот за истиот предизвик. Зборувајќи за Мирор во своето прво интервју по смртта на Арчи, таа рече дека социјалните мрежи не прават доволно за да ја спречат штетната содржина на интернет.
„Тоа е достапно, ги принудуваат нашите деца да ги прават овие предизвици, тоа е одвратно. Луѓето кои ги покажуваат овие предизвици се возрасни, а не деца. Тие се болни. Овие луѓе треба да одговараат“, рекла Денс.
Таа додаде дека неодамна на интернет пронашла видео од маж во неговите 30-ти, кој демонстрира како да го направите овој предизвик со тоа што ќе си врзете нешто околу вратот.
На 7 април, Денс го пронашла Арчи онесвестен во нивниот дом во Саутенд, откако се обидувал да го направи предизвикот. Лекарите во лондонската болница соопштиле дека тој претрпел ужасни повреди на мозокот. По долготрајна правна битка за продолжување на неговото лекување, Арчи бил симнат од апаратите за одржување во живот на 6 август и починал.