Тимчо Муцунски, кој вчера беше избран за еден од новите потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ, во емисијата „Утрински брифинг“ рече дека Христијан Мицкоски на конгресот на 12 декември бил избран повторно за партиски претседател како единствен кандидат поради, како што вели тој, убедливата победа на локалните избори.

– Земајќи ја предвид убедливата победа која тој ја извојува и покрај тешките предизвици со кои тој се соочуваше во рамки на партијата, тоа беше очекувано Јас искрено ќе се изненадев да не беше така после таква победа, која беше резултат на квалитетно испланирана кампања, резултат на добра внатрепартиска организација. Тоа беше очекуваниот чекор, рече градоначалникот на Аеродром.

Муцунски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи преговорите со Бугарија само во рамките на црвените линии изгласани како резуолуција во Собранието, но и побара повеќе информации за текот на спорот од оние што ги водат.

 

Муцунски посочи дека во раководството на ВМРО-ДПМНЕ има и истакнати експерти. Едниот од нив е од областа на политиката господинот Клековски, госпоѓата Кадиевска Војновиќ, истакнат експерт од банкарска и монетарна политика. Има многу квалитетни кадри кои што биле во партијата на различни функции и кои што се докажани како професионално така и на академско ниво. И целата таа симбиоза на партиско освежување ќе продолжи и со претседатели на партиски комисии, проширување на одреден круг на стратешки соработници на претседателот на партијата, Мицкоски.

„Верувам дека вчерашниот ден е само еден почеток на одредени кадровски промени кои што ќе се случуваат во партијата. И ќе бидат симбол на создавање на нови модели за добро управување на Република Македонија и процес кој што неминовно не носи кон предвремени парламентарни избори. И конечно да ги создадеме тие финални промени кои што граѓаните ги очекуваат и да ја видиме Македонија на вистински колосек“, нагласи Муцунски.