The Walk (Одење пеш) свечено ќе отвори два престижни светски филмски фестивала, фестивалот во Токио, Јапонија, како и Фестивалот на документарен филм во Фолкстон, Англија. Светската турнеја на најновиот документарен филм на Тамара Котевска: The Walk продолжува во 5 светски мегалополиси: покрај Токио и Фолкстон, филмот е во официјална селекција во Лос Анџелес, Лондон и Париз. Се најавува домашна и јапонска дистрибуција на филмот.  
 
Отварањето токму на фестивалот во Фолкстон претставува огромна чест за Тамара Котевска и англиските продуценти GRAIN MEDIA бидејќи патувањето на сириското дете бегалче Амал во Англија почна токму од овој град каде бегалците преминуваат од Франција, преку Ла Манш, во Англија и токму тука се судираат со најжестокиот отпор на англиската полиција. Организаторите на фестивалот изјавуваат дека отварањето на Фестивалот за документарен филм во Фолкстон токму со The Walk е покажување пркос на англиските радикалци и обид повторно да се сврти вниманието на жителите на овој приморски град кон еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат во своето секојдневие. 

Веднаш по премиерата во Англија, The Walk патува на фестивалот Le Grand Bivouac, кој се одржува во Абервил (северо-источен регион на Париз) Франција. Овој фестивал е со фокус на современите индивидуални и колективни општествени проблеми, а The Walk e во официјална  селекција и ќе биде прикажан вечерта на 21 октомври, 2024. 

Ноемвриската тура на фестивали за The Walk ќе биде одбележана со свечено отварање на International Refugee Film Festival Tokyo 2024 на 7ми ноември. Режисерката Тамара Котевска изјавува дека да се отвори интернационален фестивал во Токио токму со нејзин документарен филм е еден од најубавите комплименти кои ги добила, токму поради тоа што уникатниот креативен израз и идентитет на филмот одекнува толку далеку и допира една толку различна култура од европската, која очигледно јасно го препознава квалитетот на истиот филм. Оваа свечена премиера ќе го најави и почетокот на јапонската дистрибуција на филмот. 

Учеството на толку многу светски  фестивали е почесна потврда за квалитетот и релевантноста на филмот, но Котевска е особено задоволна дека се случува токму дистрибуција на филмот во толку далечни култури ширум светот. Тоа е она кое го запечатува успехот на филмот, гарантирајќи му огромна гледаност на широка публика надвор од фестивалските настани.  

Веднаш по Токио, The Walk ќе биде истовремено прикажан во двата мегалополиси: Лондон и Лос Анџелес. Во Лондон, ќе биде дел од 12тото издание на European Psychoanalytic Film Festival, на 16ти ноември 2024. 

New Filmmakers Los Angeles Film Festival се случува од 14-17 ноември и во фокус се млади автори кои настапуваат со својот прв или втор филм. 

The Walk изминатата година ја имаше светската премиера на престижниот интернационален фестивал за документарни филмови во Њујорк DOC NYC, Европската Премиера на GENEVA INTERNATIONAL FILM FESTIVAL OF HUMAN RIGHTS Женева, по што имаше 5 проекции на престижниот фестивал за документарни филмови во Копенхаген CPH DOX, а Котевска во чест на филмот беше повикана да одржи свечен говор на Венецискиот Филмски Фестивал 2023. Филмот имаше преполна македонска премиера на затварањето на домашниот фестивал за документарни филмови Македокс, по што композиторот Дуке Бојаџиев одржа моќен концерт од музиката на The Walk која ја компонираше.   

Режисерката и сценаристка Тамара Котевска продолжува активно да биде еден од најпрепознатливите амбасадори на македонската култура во светот. До сега како режисер и сценарист таа е една од ретките во нашата земја која непрестано, страсно и активно работи во полето на документаристиката (кој е воедно една од најтешките форми на филмскиот израз). Но Котевска им пркоси на документарните ограничувања, креирајќи моќен, уникатен и длабоко емоционален уметнички израз, бирајќи современи, релевантни социјални теми и предизвикувајќи промена на домашно и светско ниво. The Walk e само најава на она што следува од оваа млада, прогресивна авторка и во поглед на документарниот и во поглед на играниот филм. 

Текстот The Walk, во режија на Тамара Котевска го отвора престижниот филмски фестивал во Токио и фестивалот за документарен филм Фолкстон во Англија е превземен од МАКФАКС.