Златан Ибрахимовиќ нема да игра за Милан оваа сезона.
Според „Газета дело Спорт“, повредата на коленото што ја претрпе Златан во неделата против Јувентус го спречува да игра некое време и за него оваа сезона е завршена.
Тренерот на Милан, Стефано Пиоли, вчера истакна дека Ибрахимовиќ нема да биде на следните два натпревари, но „Газета дело Спорт“ има информација дека повредата е нешто посериозна отколку што најави тренерот на Милан.
“Тој има мало истегнување. Нема да биде со нас против Торино и против Каљари. Ќе видиме како понатаму ќе се развива ситуацијата”, рече Пиоли.
Сепак, се чини дека Ибра нема да биде на последниот натпревар од сезоната против Аталанта, што на крајот може да го реши патникот во Лигата на шампионите.
„Газета дело Спорт“ наведува и дека Ибрахимовиќ би можел да го пропушти стартот на Европското првенство, односно првиот натпревар на репрезентацијата на Шведска против Шпанија, кој ќе се одигра на 14 јуни.
Ибрахимовиќ го оживеа Милан оваа сезона. Тој е вистински лидер на теренот и има постигнато 17 голови на 27 одиграни натпревари.
Неодамна, 39-годишниот напаѓач ја продолжи соработката со клубот за уште една сезона, а ние ќе го гледаме на теренот на 40-годишна возраст.