58 болни, двајца заразени со Ковид-19 и 65 затвореници го остварија своето право на глас денеска во Тетово. Назим Даути од Општинската изборна комисија, вели дека е формирана посебна комисија за немоќните лица.

„Болните и немоќните лица, заедно со оние од првиот круг се 58. Сите избирачки одбори се на терен, по добивањето на изборниот материјал треба да го спроведат и гласачките процес за лицата пријавени како болни и немоќни. Исто така има пријавено и две заразени лица со Ковид кои имаат правосилно решение од Санитарниот инспекторат. Исто така денеска е спроведено и гласање во затворот во Тетово, каде се пријавени 65 лица кои се на издржување затворска казна“, истакна Назим Даути.

Во однос на утрешниот ден, од Изборната комисија во Тетово велат дека сите 117 гласачки места се подготвени и дека изборниот материјал е веќе дистрибуиран.

„Во рамките на Општинската изборна комисија во Тетово, имаме 117 гласачки места и изборниот материјал е дистрибуиран до сите гласачки места“.

Од ОИК-Тетово веруваат дека во вториот круг нема да дојде до проблеми со биометриската идентификација на гласачите, поради тоа што членовите на комисиите поминале низ дополнителна обука. Во Тетово денеска гласаа 125 граѓани, а утре своето гласачко право ќе можат да го остварат 85.642 избирачи.