Во Тетово денеска и утре во рамки на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ, ќе се одржи првата Конференција на ОБСЕ за родова еднаквост и зајакнување на улогата на жените, под наше водство и иницијатива како претседавачи.
Конференцијата, како што најавија од МНР, ќе ја отвори Претседавачот на ОБСЕ за 2023 година министерот за надворешни работи Бујар Османи, ќе се обратат и генералниот секретар на ОБСЕ Хелга Шмид, претседателот на Парламентарното Собрание на ОБСЕ и сите шефови на автономните институции на ОБСЕ.
Дводневниот настан, предвидува три работни сесии и четири пропратни панели на кои официјални владини претставници, официјални претставници во рамки на ОБСЕ, професори, истражувачи и познавачи на материјата ќе разменат мислења за особено важни теми како жени, мир и безбедност: зајакнување на женското учество и лидерство; поврзаноста на родот и корупцијата и ублажување на ефектите од корупцијата врз жените; родовата еднаквост во политичкиот живот, успешните практики од теренот за родовите прашања, каде што голем придонес имаат мисиите на ОБСЕ и сл.
– Оваа Конференција се надоврзува на Конференцијата „Жените во надворешната политика“, иницијатива на Министерството за надворешни работи, која започна да се одржува во 2021 година, со цел да се зајакне улогата на жената во надворешната политика и да се подигне гласот за родова еднаквост, стои во најавата од МНР.